Словото е наша храна - отец Стефан Санџакоски Денес, возљубени мои во Христа, станавме сведоци на уште една прекрасна благовест. Ја чувме радосната вест за дијалогот што богочовекот Христос, втората ипостас Божја, молитвено ја почна со својот Отец, првата ипостас на триедниот Бог. Целиот дијалог претставува интимно, молитвено задирање во суштината на љубовниот живот на Троица и во заемните односи меѓу личностите на Отецот и Синот. Поради тоа, секој збор изговорен од устата на богочовекот Христос и упатен до Бога Отецот заслужува недремливо око и длабок егзегетски зафат. Ние ќе се задржиме на едно многу важно место од Христовото кажување. Што е животот вечен? Тоа е прашање пред кое замолкнува секоја уста човечка и секое срце човечко. Јазикот мачно го облекува во збор чувството. Затоа, да чуеме што ни порачува Христос, во простото, но совршено исповедање на Синот пред Отецот: живот вечен е да те познаат тебе, едниот наш Бог, и од тебе испратениот во историјата на светот и човекот, вотеловен и вочовечен Логос твој, Оче, богочовекот Христос! Сега нам ни е дадено да го познаеме начинот на нашето престојување во животот несмртен. Наоѓаме дека е неполезно да се потпираме врз умни спекулации и врз нашето премногу скромно, речиси ништожно животно искуство. Ќе побараме потпора во сведоштвата на најсветите души во Црквата Христова, бидејќи тие вистински го познале Христа и начинот што го овозможува неговото познавање. Ми паѓаат на памет зборовите на великиот старозаветен пророк Језекиил, кому Господ му пружил свиток и му заповедал да го земе и да го изеде. Откако Језекиил го изел свитокот, тој му станал посладок од мед. Му стана посладок од мед затоа што го примил и во живот го преточил словото Божје, спасителното слово запишано во свитокот на Светото писмо. Писмото го примил со вера и преку метаболизмот на телото и духот го разнесол до секоја клетка. Со Писмото хранејќи се и напојувајќи се, пророкот со Бога се нахранил и со Бога се напоил. Второто кажување е исповедта на уште еден голем старозаветен пророк, гораздиот Исаија, кој, подобно на свети пророк Језекиил, се допрел со усните до вечниот живот. Еден од серафимите му принесол на целивање јаглен претворен во оган. Откако со усните свои го целивал жарот, пророкот се очистил од гревот и самиот се претворил во оган. Тој оган е благодатниот оган на Светиот Дух, по чија сила умот се отвора за да го разбере словото од Писмото. Наитието на Светиот Дух ќе го прославиме за неколку дена. Тоа се кажувањата на великите старозаветни пророци, од свети Јован Златоуст со право наречени старозаветни евангелисти. А што ни кажуваат Црквата Божја и нејзиното милениумски таложено искуство? Ни го кажуваат она што ние го пееме на секоја света литургија: да дојдеме, да го примаме и да го вкусиме добриот наш Господ и, вкусувајќи го, да се увериме дека е благ Господ, како што светиот пророк Језекиил, откако го изеде свитокот на Светото писмо, се уверил дека е посладок од мед; онака како што пророкот Исаија со усните свои се допре до огнот благодатен на Светото писмо и се преобрази во суштиот тој оган. Затоа, свештеникот на секоја света литургија повикува да дојдете, да пристапите со вера и љубов и со усните ваши да го допрете жарот – Христос. Зашто христијанството е вистинска философија на животот што ја превозмогнува секоја цивилна философија. На христијанската философија и’ е туѓа стерилноста на умните спекулации. Резултатите на живото и динамично искуство на верата нејзе и’ се аргумент. Аргументот е содржан во повикот: дојди и прими го, и примајќи го, вкуси го, и вкусувајќи го, нахрани се со него, и хранејќи се со него, претвори се во него, без да ја изгубиш својата личност! Амин.
Превземено од: e-books.com.mk |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |