Книгите во Светото Писмо - Св. Атанасиј Велики Бидејќи за еретиците веќе зборувавме како за мртви, а за нас како за оние кои работат на спасување на Светото Писмо, се уште се плашам за некои помеѓу попростите, како што апостолот Павле им пишал на Коринтјаните, да не биде некој заведен од човечката итрина, па како последица на тоа да почнат да се занимаваат со други книги, таканаречените апокрифи и да бидат доведени во сомнеж и заблуда поради нивните имиња. Затоа ве молам да се стрпите, зошто пишувам поради потреба и корист на Црквата. Поради оправдување на мојата одлука, по примерот на евангелистот Лука ќе ви напишам: Поради тоа што некои почнаа да се користат со апокрифни книги и да ги користат со боговдахновените за кои сме уверени, како што ни предаваа отците кои беа очевидци и служители на Логосот, намислив и јас, поттикнат од искрените браќа, од почеток, по ред да ги изложам книгите кои се вброени во редот на канонските и се признаени за боговдаховени, за секој кој е во заблуда да ги осуди оние кои го довеле, а оние кои останале во вистината да се заштитат од оваа појава.
Во Стариот Завет имаме дваесет и две книги. Како што имам слушнато толку се предадени од евреите, а по следниот редослед: најпрвин Битие, па Исход, па Левит, потоа Броеви и на крај Повторени закони. По овие следат; Исус Навин, Судии, Рут, четирите книги Царства од кои првата и втората сочинуваат една исто како и третата и четвртата, по овие првата и втората Паралипоменон кои исто така сочинуваат една книга. Потоа прва и втора Ездра кои се една, потоа Псалми, Мудрост, Еклесиаст, Песна над песните, Јов и нај на крај дванаесетте пророци кои се водат како една книга. Потоа Исаија, Еремија, а со нив и Варух, (плачот и посланицата), зад нив Езекил и Даниил. Тоа се книгите од Стариот Завет. Новиот Завет го сочинуваат четирите евангелија по Матеј, Марко, Лука и Јован. По нив следи Делата на светите апостоли и седумте апостолски посланија и тоа едно од Јаков, две од Петар, три од Јован и едно Јудино. Освен овие има уште четиринаесет павлови посланија кој се изложени по овој редослед: прво до Римјаните, две до Коринтјаните, до Галатјаните, Ефесјаните, Филипјаните, Колосјаните, две до Солунјаните, до Евреите, две до Тимотеј и по една до Тит и Филимон. На крајот е Јовановиот Апокалипсис. Ова е изворот на спасението и зборовите кои ќе им ја угаснат жедта на жедните. Во овие книги се проповеда науката за благочестието и никој да не додава и одзема од него. Со овие книги Бог ги засрамил садукеите кога им рекол Се лажете, оти не ги познавате Писмата, ниту силата Божја (Мат. 22, 29) и ги опоменал јудеите Прегледајте го Писмото, зашто вие мислите дека преку него ќе имате живот вечен; и тоа сведочи за Мене (Јов. 5, 39). Но поради прецизност ќе додадам дека има уште неколку книги кои не влегле во канонот, тие книги се: Мудрост Соломонова, Мудрост Сирахова, Естир, Товит, Јудита, таканареченото Апостолско учење и Пастит (Ерма). Да знаете дека едни книги влегле во канонот, други се полезни за читање, а за апокрифите никаде не се спомнува бидејќи се измислици на еретиците кои ги пишуваат, кои им одредуваат време за да ги прикажат како постари со што полесно би можеле да ги заведат неупатените и простите. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: verujem.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |