Задгробните маки - Митрополит Антониј (Храповитски) Уште од детството, од многу луѓе од двата пола и од различна возраст морав да слушам роптање за тоа што човечките гревови на земјата се казнуваат со вечни маки. Познатиот философ В. С. Соловјов се осудил да го каже своето мислење кога изјавил: „Вечните маки - ах, таа гнасна христијанска догма...“ И секако, кога побарале од него да го објасни тоа јавно богохулство, тој изјавил дека не рекол „гнасна“, туку „жалостна“. Тогаш, како дете, ова негово објаснување го прифатив со чисто срце, но подоцна се уверив во неискреноста на авторот, со самото негово порекнување и почнав да се сомневам во горенаведенота негова изјава; во тој сомнеж се уште се наоѓам Читањето или слушањето на параболата за богатиот и за Лазар во душите на повеќето христијани внесува жалосно расположение. Објаснувањето на оваа приказна јас ќе го почнам со излагање на моите мисли. Богатиот во оваа приказна не е бил безнадежен грешник, туку само обичен човек кој лекомислено го поминувал својот живот. Затоа, по неговата смрт останале многу добродетели во неговата душа: тој не е богохулник, туку само грешник - кој ја призивал правичноста и Божјата казна; не само тоа, туку тој го сочувал и сострадањето и сожалувањето кон своите браќа кои останале на земјата и го моли Авраама од оној свет да им прати проповедник на покајанието. Нешто што е најнесреќно во оваа парабола се зборовите на Авраама: Меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас (Лука 16, 26). Да се запрашаме, за што ни говори овој стих? За тоа што било, што е или што ќе биде во иднина, или само за тоа што е било до Христа? Сигурно е дека станува збор за последното; бидејќи Светото Писмо не уверува дека таа провалија Некој ја преминал: Некој - кој мртов по тело, но оживе духом, со кого, откако слезе, им проповеда и на духовите, кои беа во темнина, и кои некогаш не се покорија, кога Божјата долготрпеливост ги очекуваше, во деновите на Ноја (1 Пет. 3, 18-20).
Тогаш, кому Христос лично, со својата уста кажал дека ќе појде во вечниот оган „каде што има плач и крцкање со заби“? Еве го одговорот: Тоа е кажано на огорчените и непокајните грешници, за кои Спасителот на друго место рекол: Да не бев дошол и да не бев им зборувал, грев немаше да имаат. Но сега тие немаат изговор за својот грев. Кој Ме мрази Мене, Го мрази и Мојот Отец. Ако не бев направил меѓу нив дела, какви што никој друг не направил, грев немаше да имаат; а сега и видоа, и Ме замразија Мене, и Мојот Отец. (Јов. 15, 22-24) За да ја покажам правилноста на ова мое размислување, да погледнеме што се подразбира под изразот „плач и крцкање со заби“ и „вечен оган“. Плачот е израз на страдање и жалост, но може да биде и плач од злоба. Нема сомнеж дека такво значење има таквиот плач на некои места од Светото Писмо, како во Новиот, таа и во Стариот Завет. Кога првомаченикот Стефан проповедал за Христа и ги изобличуван Неговите убијци, а тоа се сите што беа во Синедрионот (Дела 6, 15), но тие кога го слушаа ова, срцата им се кинеа од јад и со забите крцкаа против него. (Дела 7, 54). Во параболата за повиканите на свадбата на царевиот син не се зборува за казна, туку само за изгонување на неповиканиот гостин во крајна темнина каде има плач и крцкање со заби (Мат. 22, 13). Eте, ваквото крцкање со заби ќе е израз на злобата која се јавува кај непокајните грешници, кога ќе се ослободат од телото и ќе го видат Христа во слава и целиот небески свет како ја слави Неговата победа. Што е со вечниот оган? Што е и каков е тој вечен пламен? Ќе одговориме со извадок од книгата на пророкот Исаиј: Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?” Оној, што оди во правда и говори вистина (Иса. 33, 14-15). Јасно е дека под вечниот оган се подразбира Божјото присуство или Самиот Господ Бог. За едните Он ќе биде извор на наслада, а за другите, само извор на маки. Нешто слично можете да прочитате и кај Св. Апостол Павле (види 1 Кор. 12-15). Во самиот заклучок ќе кажеме дека вечните маки на грешниците не се казна Божја или Негова освета, туку доброволно расположение и состојба. Извор: manastir-lepavina.htnet.hr Превод: ѓакон Димитар Арсовски |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |