За женската облека - протоереј Павел Гумеров Сега ќе кажам неколку зборови за скромната и наметливата облека.
Телото е видлив дел на душата (откако го осознал тоа, познатиот рок музичар К. Кинчев престанал да го украсува своето тело со нови тетоважи). Украсувајќи го своето тело и облекувајќи го, жената како да покрива некој дел кој се крие во нејзината душа. На пример, со помош на козметиката се обидува да го доцрта својот лик до идеал кој самата си го наметнала. Затоа, загледувајќи ја девојката која се облекува претерано слободно и откриено, без да сакаш ќе се запрашаш: „Дали таа исто така се однесува како што е облечена?“ Се разбира дека сите жени кои се облекуваат така не се „лесна мета“ за машките. Понекогаш не можам да разберам зошто многу девојки се облекуваат така, што како да мислат само на секс? Како да им порачуваат на машките дека немаат ништо против. Познато е дека многупати до насилство доаѓа поради нескромното и слободно однесување на жената. Потоа разбрав дека девојките сепак не сакаат да се дадат на првиот што ќе го сретнат, едноставно, тие не разбираат како сето тоа делува на машките. Но, кога некое машко ќе ѝ обрне внимание, тоа за девојката претставува мала победа, суетата ѝ е задоволена, таа е забележана. Слично на тоа кога атлетата си подигрува со своите мускули на плажа, ловејќи ги восхитените погледи од убавиците. Но, несреќата е во тоа што кутрите девојки не разбираат какви нечисти и опасни мисли се појавуваат во главите на некои момчиња кога ќе ги видат и како брзо преминуваат во напад. Конечно, машкото, како што е и медицински познато, полесно се возбудува отколку жената. На многу девојки им се допаѓа со помош на нескромна облека, кокетирање, со својата самодоверба да ја „победат“, па потоа да ја „отфрлат“ својата жртва. Таквото однесување е многу опасно. Имам читано за една девојка која сакала да се потсмева на машките и еднаш на сила била однесена од страна на своите роднини во Троице–Сергиевата лавра. И овде, во храмот, таа видела момче со неземна убавина, кое не само што не ја забележувало, туку гледало и настрана. Тоа буквално ја разбеснило девојката. Потоа дознала дека тој е слеп. И тогаш ја опфатил голем срам и ја разбрала целата глупавост на нејзиното однесување. Младите луѓе, кои бираат девојки за животни сопатнички и мајки на идните деца, треба да обрнат посебно внимание на внатрешниот изглед на своите избранички. А девојките кои се подготвуваат за брак, треба да знаат дека машкото со сериозни намери тешко дека ќе го поврзе својот живот со некоја кокета. Ќе ги спомнам значајните зборови од апостолот Петар: „Вашата убавина да не биде надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку – внатрешна, во срцето на скриениот човек, во постојаност и тих дух...“ (1. Петр. 3, 3-4). Многу жени мечтаат за брак. И тоа е сосем јасно: тежнеењето кон бракот и мајчинството е природно за секоја жена. Но, многу е опасно да се стремите кон тоа по секоја цена. Целиот живот може да ви биде несреќен. Некои девојки, особено оние кои се доближуваат до својата триесетта година, мислат дека животот ќе им побегне ако бргу не се омажат. Не е важно за кого: за пијаница, за неверник, или дури и за наркоман, важно им е да се омажат. Протоерејот Аркадиј Шатов има паметно кажано: „Многу е подобро никогаш да не се омажиш, отколку да се омажиш лошо“. Зборуваме само за правилата за жените, а машките ги оставивме настрана. На момчињата им посакувам едно: да бидат мажи. Главна болест на современите момчиња инфантилноста, стравот од одговрност. И како последица на тоа е – пропаѓање на институцијата брак. И доаѓа крајот на нашата беседа, но јас сакам уште малку да позборувам за еден навистина сериозен проблем. Голем број на млади луѓе мислат дека сексуалниот живот треба да почне пред бракот. Ако се покаже дека не си одговараме еден на друг во тој поглед, мислат тие, ќе раскинеме. Ќе кажам едно: бројот на „пробните бракови“ расте, а бројот на разводите не се намалува, туку напротив, и тој расте. Не зборуваме веќе за тоа, зашто таквиот став може да доведе до сериозни грешки. На пример, младите луѓе се решиле „да се обидат“, но не им успеало и раскинале. А „неуспехот“ можел да се случи од многу причини, од кои таквата неусогласеност на последно место. Хармоничните интимни односи се една многу сложена работа и тие можат да се создадат со времено долга заедница на луѓе што се сакаат, кои многу добро си ги знаат особините и желбите на другиот. Ете, затоа младите треба да го чуваат бракот. Настапи такво време, кога луѓето поради оддалеченоста од верата и традицијата прават многу грешки и поради тоа не ги сочувале чистотата и целомудреноста. Но Божјата благодат болниот го лекува и празниот го исполнува. Господ Му помага на секој човек кој искрено ќе Му се обрати. Само е потребно да се очисти преку покајание, да се исповеда и самиот да посака да се промени. Ако имате решено да го поминете животот со некој човек, никако да не го укорувате поради неговото минато. Нашата тема е периодот до бракот и може да ја наречеме генерална репетиција, подготовка за брак и проверка на чувствата. Младоженецот и невестата треба уште пред венчавањето да се научат да се сакаат, да простуваат, да се радуваат еден на друг, да се молат еден за друг. Кога ме ракоположија во свештенички чин, свештеникот кој сослужуваше ми рече: „Без разлика на лошите навики, труди се од самиот почеток сè да работиш добро и правилно, подоцна ќе ти биде полесно.“ Истото тоа може да се каже и за семејниот живот. Уште пред бракот треба да учите како правилно да ги градите своите односи. Не плашете се од ништо. Човекот, стапувајќи во брачен сојуз, ја исполнува Божјата заповед: „Не е добро за човекот да биде сам“ (1. Мој. 2, 18), и ако тој измоли од Бога помош и ако има искрени намери, Бог несомнено ќе му помогне. Превод: ѓакон Димитар Арсовски објавено во: „Троичник“ бр. 46 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |