„Кам-бек" на духовноста - Епископ Климент Хераклејски
Веронауката не е научна дисциплина, туку духовна вредност со која се изразува љубовта на верниците кон Бога, а оттаму се наметнува прашањето колку со неа ќе се приближиме, односно ќе ја осознаеме суштината на работите?
Можеби ќе Ви звучи чудно, но мислам дека во училишниот амбиент „научниот атеизам" повеќе ја загрозува науката, отколку верата. „Па што, ако некои не поверувале? Зар нивното неверување ќе ја уништи Божјата вера? Никако!"(Рим. 3,3-4). Воведувањето на веронаука во македонските училишта ќе го интензивира започнатиот процес на дијалог меѓу науката и верата, кој по две години пауза, според најавите, ќе продолжи во основното образование. Фактот дека училиштето во Македонија треба да се ослободи од притаените и софистицирани притисоци на атеизмот, кој станал своевидна религија, е голем предизвик за современото општеството кое се профилира според ЕУ стандардите. Образовниот систем не смее да биде узурпиран од никого, а најмалку од некој кој својот тврд став го смета за неприкосновен, и кој го отфрла дијалогот за кој ние како Црква сме подготвени. Обврска на сите нас, во Република Македонија, е да ја препознаеме убавината на слободата и вистинската смисла на одговорност во животот и во верата. Веронауката секако дека ја открива онтологијата и се допира до оние суштински начела во животот на човекот. Новите видици и перспективи во таа насока допрва доаѓаат. Како ова прашање се решава во другите земји, особено во православните земји? Состојбите во земјите од некогашниот социјалистички блок, меѓусебно се разликуваат во зависност од демократските процеси кај нив. Во Романија, уште од Револуцијата во 1990 година, државата ја врати веронауката во образовниот систем која пос-тоела и пред Втората светска војна, и тоа го оправдува со две главни причини: најпрво да го обнови етосот на народот и да го покаже слободното изразување на верата. Руската православна црква, во 1994 година, со воведувањето на верската настава во државните училишта, формираше Комисија за координирање на веронауката во училишните и вон училишните програми. Во неа е предвидено и атестирање на кандидатите за вероучители. Во Чешката република е воведен предметот религиозно воспитание во сите државни училишта и се изучува главно христијанската католичка традиција, но се добива извесно знаење и за светските религии. Од 1997 година, во соседна Бутарија вероучението е воведено како изборен предмет. Во Србија и Црна Гора, со указ на премиерот Зоран Гинѓиќ, од 2000 година воведени се изборните предмети веронаука и граѓанска култура. Во Грција православниот катихизис се учи и во основното и во средното образование, а предметот е задолжителен за сите. Албанија е единствена европска земја во која во никаква форма нема веронаука. Нејзиниот пример ќе беше осамен ако во нејзино друштво не беше и нашата земја. Пред речиси три години ова прашање беше потегнато со цел веронауката факултативно да биде воведена во образовниот систем, но одредени политичари поради дневнополитички потреби го отстранија од земните врати. Дали за овој период можеше да се направи куса анализа за придонесот на веронауката? Веронауката кај нас се вклучи во наставната програма само во текот на една учебна година (2002/03), и тоа во трето одделение. Предметот беше факултативен и беше застапен со еден час неделно. Околу триесет вероучители беа вклучени во наставата, а нивниот отворен однос придонесе веронауката да има одличен прием кај младите ученици, но и кај нивните семејства кои претходно го одобрија изборот на предметот. Голем дел од содржините беа со широки творечки можности, од типот сликање икони, цркви и манастири, пишување литературни творби на празнични теми; а на еколошките активности, како на пример чистењето на училишниот двор, им се даваше духовно значење на грижа и правилен однос кон Божјото создание. Најпосле, некои од учениците, на црковните служби на Божик и Велигден, во литургискиот простор, непосредно се запознаваа со значењето и убавината на православното предание. Нашето скромно искуство бележи примери на отворена несимпатија на дел од директорите во училиштата, кои не дозволија да се прават списоци на ученици кои сакаа да учат за Бога. Но, како и да е, сега е веќе издиференциран ставот на нашата Црква за веронауката, која наместо факултативен треба да стане задолжителен изборен предмет. Каква треба да биде веронауката и која е улогата на вероучителот? Програмата одобрена од МПЦ ќе ја оформи целата содржина на предметот веронаука што ќе се предава во училиштата. Предметот веронаука не смее да биде пиетистички и да му создава морални проблеми на младиот човек. Според нас, веронауката треба да биде исповедање на верата и нејзино сведочење. Митрополитот Антониј Блум вели: „Ако Вие, додека говорите, чувствувате дека тоа што го зборувате го затоплува срцето, Вашето срце, тогаш, бидете сигурни, дека ги загрева и срцата на другите". Во Македонија таков тип на вероучители ни е потребен, бидејќи тие ќе ни бидат единствената гаранција дека училишната веронаука нема да се автономизира постанувајќи изолиран систем доволен сам за себе. Дали сметате дека ова прашање нема да претставува пречка во наставниот процес туку процес кој мора темелно и етапно да се применува, бидејќи со него ќе се возобноват врските меѓу членовите на потесното македонско семејство? Предавањето на религијата „во историски, философски и културен план" има само информативно, но не и воспитно значење за личноста. Ако прашањето на моралноста беше прашање на информираност, т.е., ако на некој сознавајќи се за доброто и лошото ќе му беше доволно дефинитивно да го препознае доброто и да се определи за него, а да го отфрли злото, тогаш овие учебни предмети, како историја на религиите или етика ќе беа кадри да ги исполнат ваквите барања. Но не е така. Местото на веронауката во воспитно-образовниот процес е незаменливо затоа што таа го приведува човекот кон Изворот, Животот, Убавината, Правдината, Вистината, Љубовта - кон Бога. Убедени сме дека овој предмет во наставната програма ќе се проникне и надополни со сите останати предмети. Предметите македонски јазик и историја, се недоволни за младиот човек да стекне потполна претстава за сопствениот идентитет, бидејќи така сосема е исклучена духовната содржина. Севкупната македонска култура низ вековите, се до Втората светска војна, е одраз на христијанските духовни вредности. Многу од овие вредности и денес пулсираат во соборната свест на нашиот народ и достојно е да се всадат во младите детски души.Нашите баби и дедовци учеа веронаука или закон Божји како што тие го нарекуваа. На нашите родители едноумието им ја одзема таа можност, а мојата генерација ја сподели нивната судбина. Затоа да сториме се што можеме за на нашите деца да не им се ускратува и понатаму живото слово на верата. Во спротивно ќе станеме продолжувачи на наследеното едноумие коешто долго го понижуваше образовниот систем обесправувајќи ги учениците и учителите. Превземено од: makedonskosonce.com |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |