Човекот - храм Божји - Светогорски монах Како што ни говори Светото Писмо, кога е направена Мојсеевата скинија и е востановено првото свештенство за богослужение, Господова волја било поради прославување на Неговото име да прати оган од небото за првото жртвопринесување, а кога Ковчегот на Заветот бил внесен во неа, светлосен облак го обиколувал храмот и славата Божја го исполнила домот Божји. По разрушувањето на Соломоновиот храм и кога евреите се вратиле од Вавилонското ропство, подигнале друг храм во Ерусалим, кој храм не бил величенствен како првиот, но пророк Агеј претскажал дека ќе биде поголем бидејќи ќе биде посетен од Оној кој го очекуваат сите народи - Христос Искупителот. Знаеме дека Христос го уважувал овој храм и дека сакал истиот да биде дом за молитва, а не збиралиште на крадци. Кога во една прилика отишол во Ерусалимскиот храм, Он, како што ни кажува Св. Јован Богослов (Јов. 2,15) видел луѓе како продаваат волови, овци и гулаби. И кога направи бич од врвци, ги истера од храмот сите, и овците и воловите; а на менувачите им ги растури парите и ги испреврти масите; па им рече на оние што продаваа гулаби: „Носете го ова одовде, и од домот на Мојот Отец немојте да правите дом за тргување“! (Јов. 2,15-16). Кога евреите ја виделе Неговата ревност за Храмот Божји, од Него побарале знак, но Он им рекол: „Урнете го овој храм и за три дена ќе го подигнам“ (Јов. 2,19). Кога Господ говорел за Своето тело како храм ја имал на ум и смртта која Му претстоела и воскресението по три дена, а кога Христос воскреснал од мртвите Неговите ученици разбрале дека говорел за Своето тело како храм.
Но Севишниот не живее во ракотворни храмови (Дела 7,48), иако Соломон изградил велелепен храм. Христос претстојува во душите на верните, како што сведочи апостолот: Не знаете ли дека вие сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? (1 Кор. 3,16), Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате сами на себе си? (1 Кор. 6,19). А со каква Божествена слава ја украсил Господ Пречистата Дева Богородица? Во славословијата и прославувањата на Мајката Божја во стихирите ја нарекуваме „Храм на Божеството“, „Палата на славата“ и сл. Бидејќи и самата таа била најчист храм на Светиот Дух кога имала само три години нејзините родители ја однеле во Ерусалимскиот храм каде што се занимавала со молитва и ракоделие. Тука била удостоена да се храни со небесна храна која ја донесувал ангел. Во храмот Господов архангелот Гавриил на светата Дева ѝ ја открил тајната на спасението на светот: Радувај се Благодатна!... Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога;... И ќе родиш син... И ќе се нарече Син на Севишниот (Лука 1,28; 30; 31; 32). Таа, бидејќи послушна на Божјата милост му одговорила: Еве ја слугинката Господова; нека биде според зборовите твои! (Лука 1,38). Во тој миг таа го примила Светиот Дух од Бога. Небесната сила ја осенила и таа постанала обиталиште на Словото и повозвишена од Светињата на светиите. Кога Пречистата Дева ја посетила својата роднина Елисавета, оваа, поздравувајќи ја, почнала да пророкува бидејќи се исполнила со Светиот Дух, па дури и бебето Јован, идниот Претеча и Крстител кој бил осветен уште во утробата, бидејќи ја почуствувал благодатта, ја поздравил Светата Дева низ устата на својата мајка говорејќи: И откаде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ (Лука 1,43). Благодатта на Светиот Дух ги осветила патријарсите и пророците кои ревнувале за Божјата слава и ги повикувале народите на покајание и побожност. Но, уште поголема благодат е покажана во Новиот Завет после Христовите крсни страдања, Неговото Воскресение, Вознесението на небото и слегувањето на Пресветиот Дух на Педесетница. Апостолите Христови постанале вдаховени садови на благодатта, храмови Божји кои со Божјата сила биле во состојба да прават големи чуда и знаци: мртви да воскреснуваат, демони да изгонуваат, да говорат на разни јазици, да ги знаат тајните на Царството Божјо. Исто како мноштвото ѕвезди што сјаат на небото, така засветиле и голем број на благодатни садови во црквата Христова, тие луѓе постанале храмови на Христа: маченици, монаси, светители, ерарси, праведници. Како храм Божји човековата душа е боженствена и бесмртна; таа е здив на Семожниот Бог споен со телото заради испитување, воздигнување и обожување. Душата е во телото. Умот делува врз душата. Природата делува на телото. Сетило за видот е окото, а сетило за душата е умот. Според зборовите на светиот Григориј Богослов душата се состои од три дела, слично на Света Троица. Умот човечки е како прв, предвечен ум; тој ја поседува суштината и дејствата (енергиите) и тежнее кон познание на добрината на Света Троица. Душата е во светот како родена, но умот е над светот како нероден. Природата на човековата душа се разликува од ангелската со тоа што таа има животворен дух кој дава живот на земско тело со кое е споена. Душата е секадеприсутна во телото како што е Бог во светот. Исто како што телото има повеќе делови кои заедно го сочинуваат човекот, така и душата има повеќе делови: ум, совест, волја, размислување кое осудува или оправдува; душата само по себе е внатрешниот човек. Таа не смее да потпадне под влијание на неразумни нешта за да не би се осквернила. Душата е слободна, самостојна, поседува разум, волја и чувство. На овој начин душата како умна суштина е најбожествена и преубава сличност на Животворната Троица и според зборовите на Св. Симеон Нов Богослов таа е „подобра и повозвишена од целиот свет, а светот е космос, училиште за душата. Љубовта кон Царот Небесен ослободува од секаква земска љубов“. Чистата душа се нарекува храм, ќерка Царева, кралица. Светото Писмо ни сведочи дека душата и телото се дом Господов и сета слава на царската ќерка е внатре (Псал. 44,13). Но, потребен е голем напор да се изгради дом на душата, палата, обиталиште на Христос. Нека тоа ни биде единствен предмет на нашите желби - да поседуваме во душата ризница на светлост и живот, односо да го имаме Бога на ум, бидејќи смртта на душата доаѓа од разделбата со Бога. Она што е храна за телото тоа е молитвата за душата. Коњот нема разум па затоа му ставаат узди и раководат со него. Исто така е и со нашето тело; душата која сака да Му служи на Бога мора да ги заузди своите природни желби. Ако сакате Христос да обитава во вас, не внесувајте зли мисли во душата. Светите отци кажуваат дека душата е поскапоцена од вселената. Умот е јавач кој управува со колата на душата, издигајќи ги мислите борејќи се против колите сатанаски. Бог и ангелите се сведоци на оваа битка. Со трпение спасувајте си ги душите (Лука 21,19). Премудриот Бог знае колку една душа треба да биде подложена на искушенија за да биде спремна за во царството Божјо. Добра умствена и духовна состојба можеме да добиеме кога душата и телото ќе му бидат подложни во се на духот, а умот ќе биде подложен на Бога и на Неговата волја. Тоа е здравје за душата. Божјите заповеди се издадени против страстите, за да ја очистат душата и да ја доведат во првобитната состојба. Ако душата го љуби Бога, таа наоѓа одмор само во Него, не се плаши од смртта, исполнета е со радост, среќа и надеж во Бога, се доверува на Него во се и во молитвите му се обраќа на својот Творец. Непрекинатото сеќавање на Бога го осветува умот, сите наши мисли и сетила, не дозволува нешто нечисто да се всели во нашата душа. Ова е воскресение на душата пред Општото Воскресение. Според св. Григориј Богослов кога во душата и во нејзиното размислување обитаваат добрата волја, знаење и мудрост; во намерата - смелост и трпеливост, а во желбите - љубов и истрајност, тогаш душата непрестано ќе размислува за зборовите Господови. Кога таа е во темнина и кога духовно ќе се разбуди, тогаш доаѓа мир, радост, будност. Срцето пламти и запалено е ден и ноќ; светот постанува како прав и пепел; дарот на солзите се чувствува во секое време и при секоја работа. Ова е знак дека сме го препловиле морето. Тогаш во душата се одржува убавината и праведноста како во првобитната човекова природа или како што ни зборува свети Антониј Велики: „умот постанува прозорлив, односно, душата е осветлена со Божјата светлост“. Но, за жал нема многу христијани кои го постигнале овој стадиум. Кога се гради храм, Бог праќа ангел да биде чувар на него и да го чува се до последниот ден. Сите верници по благодатта на водата и Духот на Светата тајна крштение, примаат осветување и секоја личност добива ангел чувар. За да не дозволиме да нè напушти ангелот - чувар, бидејќи секоја индивидуа мора да биде храм Божји. Обожувањето (theosis) е целта на христијанскиот живот. Во своето послание до Коринтјаните светиот Павле пишува: Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зошто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие. (1 Кор. 3,17). Кога една личност станува црква Божја? Во тој миг кога Божјиот Дух ќе го освети нејзиниот дух. Да земеме еден пример од книгата „Патот на верникот“ за да видиме како е сограден храмот на душата на верникот. Тој барал и многу се мачел додека Бог не му открил и тој сватил дека воздржувањата од гревовите заради страв од мачење или очекување награда е сосем бескорисна. Бог сака да Му се доближиме по патот на љубовта (како детската) со безгранична желба да се соединиме со Него во срцето и душата. За почеток треба да го уредиме нашиот живот, а тоа ќе го постигнеме со воздржаност во зборувањето, умереност во јадење, пиење, спиење и во исто време мораме секаде да ја кажуваме Исусовата мочлитва. Да се молиме секаде: кога патуваме, кога работиме, на секое место и време потребно е вистинско молитвено расположение на душата. Пророкот Еремиј се молел во јамата, Даниил и трите младичи во печката, Јов на ѓубриштето, Мојсеј на езерото, Јона во утробата на китот, разбојникот на крстот, а светиот ѓакон Стефан додека бил каменуван. Благодатта нè претворила нас во храмови Божји. Кога го повикуваме името на нашиот Господ Исус Христос, Тој слегува во длабочината на нашето срце и ги смирува страстите. Вие сте храм, не барајте место туку извикувајте „Господи Исусе Христе, помилуј ме“ и останете во оваа умосрдечна молитва. Кога умот ќе се соедини со Бога тогаш постануваме храмови Божји преку непрестаната молитва. † † † Непрестаната молитва и сеќавањето на Бога се најплодните активности, најскапоцена традиција на Црквата, духовна ризница, наследство од апостолите и светите отци кои го примија и ни го оставија по наредба на Светиот Дух. Како што ангелите го гледаат Бога и не го отргаат својот поглед од Него, така и ние додека сме во своите тела мораме умно да Го гледаме Бога - од моментот на будење, па се до заспивање. Молитвата е над сите други интереси. Мораме да служиме на Бога со светост и праведност во нашиот внатрешен олтар. Ова е дејство на човекот со кое се стекнува вистинска скромност и богопознание, а тоа е суштината на животот. Светите отци во „Добротољубието“ ја нарекуваат Исусовата молитва најплодна, бидејќи со неа се очистува срцето со напор и со каење. Чинот на каењето се состои од: 1. Прочистување на мислите; 2. Непрестајна молитва; 3. Трпење на неволјите. Во Исусовата молитва на прво место е борбата на душата, а не борбата на телото. Покајникот мора да биде истраен во борбата и да се моли на Христос нашиот Бог за да му дари сила да се исполнат заповедите. Молете се за да може во вашиот ум да обитава Христос, бидејќи затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски (1 Јов. 3,8). При молитвата не треба да размислуваме за помислите, туку треба да ги изгониме, не треба да се бориме со нив туку да ги исфрлиме зошто тоа е знак на мудроста и знаењето. За време на богослужбата не дозволувај умот да лута, туку занимавај се со Исусовата молитва, со намера да се покаеш, призивајќи го Бога на помош, обрќајки внимание на своето срце и на смирението. Тогаш ќе биде полесно да се обрне внимание на читањето и пеењето во храмот. Изговарај ја молитвата без брзање, слог по слог, за да може твојот ум да се задржи на зборовите и да го прими обликот од нив. Секогаш моли се за простување на гревовите. Кога си сам молитвата е најчиста, но тогаш напаѓа очајот. Учител на совршената молитва е самиот Господ и Он им ја дарува на оние кои се молат. Ангелот Господов им открил на Отците дека најдобар начин на молитва е ако најпрвин се заблагодариме на Бога, па потоа да продолжиме со своите прозби. Повикувајќи го името Господово ќе добиете чистота на духот и телото и Светиот Дух ќе се всели во вас, како што сведочи св. Серафим Саровски: „Он ќе ве усмери кон светлината, побожноста и чистотата“. Кога работиш или патуваш тивко говори „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене грешниот“, а доколку околу тебе има повеќе луѓе, во себе речи: „Господи помилуј“. Исусовата молитва кога се изговара со усните и јазикот се нарекува творење бидејќи тоа е физичка активност. Тешко е да се кажува молитвата ако срцето е тврдо, ладно или обземено од страсти. Немој да ја изговараш молитвата гласно, туку само колку да можеш ти да ја чуеш, со стравопочит, без брзање за да не ја изгубиш собраноста; ова ќе го задржи твоето внимание и ќе го задржи твојот ум во светот на молитвата. Епископот Игнатиј Брјанчанинов напишал: „Духот или логичната сила на умот, која е во горниот дел на срцето - таму треба да е твоето внимание“. Првите плодови на молитвата се вниманието, покајанието и солзите: Созлите за време на молитвата се знак на Божјата милост. Тогаш нашите очи се отворени да ги согледаат гревовите, го чувствуваме Божјото присуство, се сеќаваме на смртта и на стравот од судот и од осудата. Сите плодови на молитвата се пропратени со солзите. Тогаш настапува чувство на спокојство, смиреност, љубов кон Бога и ближните, без разлика дали се добри или лоши. Кога на молитвата проткаена со солзи Бог ќе ни ја пројави Својата милост внатрешната борба ослабнува, мислите се смируваат и молитвата почнува да дејствува. Тогаш солзите од горки стануваат слатки и настапува доба на духовна наслада и утеха која не може да се спореди со земните радости. Смиреноста на умот и скромноста почнуват да се јавуваат. Кога се внимава, умот не се одвојува во срцето, а срцето покажува почитување кон зборовите од молитвата. Тогаш душата пее и се моли само во срцето. Сите свети отци се труделе да го чуваат срцето и ова дејствување го нарекуваат мир, внимание, разумност. На овој начин Исусовата молитва најпрвин делува само на умот, доведувајќи го во состојба на мир и внимание; потоа на срцето откривајќи му го чувството на каење и тага, за на крај да го доведува безстрастите. Кога душата тежнее кон Бога и умот не се оттрга од Него, тогаш благодатта и самоконтролата на оној кој врши напор го води во областа на чистата молитва. При чистата молитва има запрепастување кога светлоста на Пресветата Троица засветлува, како што говори св. Григориј Синајски: „Самиот ум добива изглед на светлост, заборавајќи на себе и на своите чувства“. Тогаш душата е како на ангел. Оние кои ќе доживеат такво духовно видение со своите умови се еднакви како ангелите и светителите на небото, бидејќи научиле да го сакаат Бога и постанале храмови Божји. † † † Овој пат го оди оној кој го сака Бога, доведувајќи го својот внатрешен и духовен храм во ред - од квантитет до квалитет, од гласна до умна молитва, од умна до молитва на срцето па се до виденија. Така, со помош на непрестаната молитва тој принесува служба на Олтарот Божји, каде е на само со Бога, во приватност достигнува таинствени визии и согледување на Невидливиот. Светите Сергеј, Серафим Саровски, Јоасаф Белгородски, Антониј и Теодосиј од Киево-Печерската лавра и други ја добиле благодатта на Светиот Дух низ непрекинатата Исусова молитва и постанале храмови Божји трпејќи многу бури и неволји. На истиот начин можеме да ги подржиме и ние со нашиот живот, да го покориме телото на духот, да бидеме трезвени, да се молиме, да правиме метании, да постиме, да се воздржуваме, да се каеме и да плачеме поради нашите гревови. Целиот наш живот е борба за смирение и добивање на благодатта на Светиот Дух и на земјата да постапуваме како нашиот Христос. А за да бидеме такви човекот уште додека е на земјата мора да стапи во заедница со Бога. Во црквата сите сме заедничари со светиите и со целата небесна црква. Овде се молиме и се осветуваме преку светите тајни. Господ сето тоа го припремил за нас. Целата вселена е како царска палата и ние можеме да се молиме на секое место. Потребно е и да имаме чиста совест пред Бога, луѓето и сите созданија за Бог да ја прими нашата молитва и нашата душа да постане храм на Светиот Дух, за да можеме да станеме жители на небесниот Ерусалим кој блика со славата Божја, каде нема да има храмови, бидејќи Семоќниот Бог е негов храм и Јагне. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Објавено во: „Троичник“ бр. 35 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |