Црквата - место за обожување на човекот - Архимандрит Георгиј (Капсанис) Оние кои сакаат да заедничарат со Исус Христос, и низ Христа со Бог Отецот, знаат дека такво единство се создава преку телото Христово, кое е нашата Света Православна Црква. Единството, секако не е со Божјата суштина, туку со обожената човечка природа со Христа.
Ние не сме следбеници Христови како што некои луѓе ги следат своите учители или философи. Ние сме членови на Телото Христово - Црквата. Црквата е вистинско Тело Христово, а не етичко, како што погрешно напишале некои теолози кои биле неутврдени во духот на Светата Црква. Христос, нас христијаните, без разлика на нашата достојност или гревовност не вотелува во Своето тело, како што говори светиот апостол Павле: Бидејќи ние сме членови на Неговото тело – од Неговата плот и коските Негови (Ефес. 5, 30). Секако, во склоп со духовната состојба во која се наоѓаат христијаните, едни се живи делови на телото Христово, а другите мртви. Но, и оние кои се мртви не престануваат да бидат дел од телото Христово. Некој, на пример, ако е крстен е дел од телото, но ако таквиот не се исповеда, не се причестува, не живее духовен живот, (таквиот) е мртов член на Христовото тело. Но тогаш, кога ќе се покае и го прифати вистинскиот начин на живот, тој постанува дел од телото Христово и таквиот не треба да се крсти повторно. Оној кој не е крстен не е член на телото, дури и да живее морално (според човечката мера). Таквиот треба да се крсти за да би се приклучил кон Христовото тело. Кога веќе сме станале дел од телото, нам ни се нуди животот Христов да стане и наш живот. Така оживуваме, се спасуваме и обожуваме. Не можеме да се обожиме ако Христос не нè направил сотелесници на Неговото свето тело. Не можеме да бидеме спасени ако не постојат Светите тајни на нашата Црква, кои според светите отци нè прават сотелесници и сокрвници на Христа - односно сме едно Тело и една Крв со Него. Каков е тој голем дар, да заедничариме во непорочните Христови Тајни? Христос станува наш, животот Негов и крвта Негова стануваат наши сопствени. Свети Јован Златоуст затоа вели дека Бог нема да му даде на човекот ништо повеќе од она што му го дава преку Светата Причест. Ниту пак, човекот може да бара повеќе од она што го прима од Христа во Светата Причест. Така, сите крстени, миропомазани, исповедани да се причестиме со Телото и Крвта Господови и да постанеме богови по благодат. Соединувајќи се со Бога, веќе не сме странци, туку Негови домаќини. Во Црквата, соединети со Бога, ја живееме новата стварност која Христос ја донесе во светот; новата твар. Ова е животот во Црквата, животот Христов, кој станува наш сопствен како дар од Светиот Дух. Се во Црквата води кон обожување. Светата Литургија, тајните, служењето, постот... Црквата е единствено место за обожување. Црквата не е некоја друштвена, политичка или историска установа која личи на другите светски установи. Светото можеби има прекрасни институции, организации, меѓутоа, нашата Православна Црква е неповторливо и единствено место за заедница на Бог и човекот, односно место на обожување на човекот. Само во Црквата човекот може да постане бог и никаде на друго место. Ниту на универзитетите, ниту во друштвените установи, ниту било каде. Сето ова, иако е добро, не може да ни го подари тоа што ни го подарува Црквата. Затоа, колку и да напреднуваат светските установи, тие никогаш нема да можат да ја заменат Црквата. Постои можност, ние немоќните и грешни луѓе, повремено да создадеме криза и тешкотија во Црквата. Може да се случат и соблазни во крилото на Црквата. Ова се случува затоа што во патот кон обожението природно е да постојат и човечките слабости. Дури и кога нешто такво се случува, никогаш не треба да побегнеме од Црквата, бидејќи во неа ја имаме единствената можност да се соединиме со Бога. Кога, на пример, одиме во храмот на служба и се сретнеме со некои лица кои не внимаваат на службата и меѓусебно разговараат, можеби ќе ни дојде мисла и ќе се запрашаме: „Што добивам со тоа што доаѓам в Црква, нели е подобро да седам дома каде имам повеќе мир и удобност за молитва?“. Потребно е на лукавиот да му одговориме со смирение и да се речеме: „Да, секако дома ќе го имам мирот, но нема да ја имам благодатта Божја да ме обожува и да ме освестува. Нема да го имам Христа, Кој е присутен во Својата Црква. Нема да го имам Телото и Крвта Негова, која се наоѓа на Светата трпеза. Нема да учествувам во Тајната вечера на Светата Литургија. Ќе бидам отсечен од моите браќа во Христа со кои заедно со сочинуваме Телото Христово“. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: verujem.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |