Усрдната молитва - Св. Макариј Велики Молитвата не треба да ја твориме по навика или по обичај, со молчење или коленичење, туку трезвено внимавајќи на умот, очекувајќи во секој миг да дојде Бог и да ни ја посети душата. Некогаш е потребно да молчиме (да безмолствуваме, да тихуваме), а понекогаш да призиваме, да повикуваме и да се молиме умот да ни биде утврден во Бога. Кога телото работи нешто тоа во целина е посветено на работата. Така и душата треба потполно да се посвети на молитвата и љубовта кон Господа, без расеаност во помислите; туку напротив, сите свои очекувања да ги препушти на Христа.
Во тој случај, самиот Господ ќе ја просети душата и ќе ја научи на вистинска прозба; ќе и даде чиста и духовна молитва. Оној кој се занимава со трговија нема во предвид само една работа од која може да има добивка, туку со сите сили се труди да спечали и да умножи повеќе, притоа префрлувајќи се од една работа на друга. Тој додека ита кон новиот извор, го напушта оној од кој нема корист. Така и ние на разни начини и со разни вештини ќе и обезбедиме на својата душа да стекне вистинска и голема добивка, односно Бога, Кој не учи вистински да се молиме. Кај пророкот Езекиил имаме слушнато за духовните животни, впрегнати на господаровата кола. Тие таму се прикажани како битија со многу очи, а таква е и душата, која во себе го носи Бога, или подобро кажано, таа е носена од Бога, бидејќи целата станува око. Куќата во која владее самиот домаќин е полна со украси и со убавина. Така е и со душата, која во себе го има Господарот кој ја исполнува со секаква убавина бидејќи во неа обитува и раководи Господ. Тешко на куќата чиј домаќин е отсутен и во која нема господар, бидејќи таа ќе се сруши, ќе опустоши и ќе се исполни со секаква нечистотија и неред; таму според зборовите на пророкот ќе живеат ѕверови; бувови ќе се населат во нивните домови, и бесови ќе потскокнуваат и ќе играат (Иса. 13,21) бидејќи во пустите куќи место си наоѓаат дивите мачки, кучињата и секоја нечистотија. Тешко на онаа душа која нема да стане по тешкиот пад и која во себе ги има оние кои ја одвраќаат да живее во непријателтво со Женикот. Кога Господ ќе види дека душата, сразмерно со својата моќ се собира и деноноќно го бара Бога и повикува кон Него и според заповедта непрестано се моли за се (1 Сол. 5,17), тогаш Он ќе ја одбрани како што ветил (Лука 18, 7), очистувајќи ја од пороци кои ги има во себе и Самиот ќе ја претстави како чиста и непорочна невеста. Ако веруваш дека ова е вистина, како што всушност и е, тогаш внимавај на себе, погледни дали твојата душа ја пронашла светлината која ќе ја раководи на патот, дали пронашла вистинската храна и вистинското питие, односно Господа? Ако не е, тогаш деноноќно нека се моли. Според тоа барај го Сонцето, бидејќи си слеп. Кога ќе ја погледнеш светлината, погледни во својата душа и запрашај се дали си ја добил вистинската светлина? Сето видливо е само сенка на невидливото во душата; освен видливиот човек постои и друг, внатрешен човек; постојат и други очи кои го ослепуваат сатаната, како и други уши од кои оглувел. Меѓутоа, Христос дошол да го исцели внатрешниот човек. Нему слава со Отецот и Светиот Дух во вековите! Амин. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: svetosavlje.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |