Толкување на Великопосната молитва - Св. Лука Кримски Оваа молитва* на преподобниот Ефрем Сирин се нарекува молитва на чистото срце, затоа што изникнала од совршено очистеното и свето срце и ум кој е просветлен со Божјата благодат. Светиот Ефрем Сирин го моли Бог да го избави од се што е непорочно и богонеугодно и да го удостои со добродетели.
Преподобниот Ефрем Сирин молитвата ја започнува вака: Господи и Владико на мојот живот; не давај ми дух на леност... леноста е опасен порок. Тој е мајка на многу пороци, а посебно е погубна за духовниот живот. Поради леноста може да не обземе дух на мрзоволие, па затоа Св. Ефрем Сирин, а и ние со него велиме: Господи и Владико на мојот живот; не давај ми дух на леност. Дух на мрзеливост или дух на униние е она што предизвикува пад на духот. Унинието е голема опасност која му го попречува патот на христијанинот кон Христос. Освен леноста причинители за унинието се и гордоста, песимизмот, како и тешките болести. Главното средство против унинието е молитвата. Кога ќе стапите во разговор со Бога, Он вас ве теши и го изгонува духот на унинието. Со молитвата треба да се бориме против човечката потреба да владее, која исто така е многу погубна. Затоа преподобниот Ефрем вели: Господи и Владико на мојот живот; не давај ми дух на властољубие... Духот на властољубието е да тежнее да се владее над другите, да се завземе првото место, а тежнеењето да се владее го довел до погибел Архангелот, првиот од сите ангели, и направила од него сатана и отпадник од небото. Властољубието ги погубило сите еретици кои се ставале самите себе над Црквата и сакале да и бидат водачи. Но нивните зборови се празни и лажливи, а Господ Исус Христос рекол дека за секој збор ќе дадеме одговор на Судот. Преподобниот Ефрем го моли Бога: Господи и Владико на мојот живот; не давај ми дух на празнословие... Тоа што имаме моќ на говор во голема мера не прави слични со Бога. Бог со збор го создал целиот свет, според тоа и човечкиот збор има голема моќ. Вие знаете дека пророкот Илија со збор воскреснувал мртви, го запирал дождот, го заклучувал небото и со тоа предизвикал глад, но со збор давал и дожд на земјата. Многу важно е да стекнеме навика да внимаваме што зборуваме и да научиме да си го врзуваме јазикот. Во своето послание апостолот Јаков вели: Но оној, кој во зборови не греши, тој е совршен човек, силен да го обузда и целото тело (Јак. 3, 2). После молбите да го спаси од страшните пороци, преподобниот Ефрем Сирин го моли Бога да му даде добродетели. Прва од нив е целомудреноста: Даруј ми, пак, како на Твој раб, Дух на целомудреност... Светиот апостол Павле вели дека секој грев вон телото (гордост, суета, властољубие, завист, гнев) се страсти на душата, додека блудот и прељубата го сквернават не само нашиот дух туку и нашето тело. Овде станува збор на целомудреност на телото и на духот. Преподобниот моли и за смирение: Даруј ми, пак, како на Твој раб, Дух на смиреност... Христос вели: поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце (Мат. 11, 29). Во текот на Својот земски живот Господ сведочел за смирението. Не ли е покажал совршен и необичен пример кога на Своите ученици им ги измил нозете? Тоа навистина претставува врв на смирението. Смирението, тој голем дар Божји, го добиваат оние кои со сето срце го љубат Бога и се трудат да ги исполнат заповедите Христови, а кога човекот е смирен во него се вселува Светиот Дух. Но не е возможно да се стекнеме со смирение без трпение. Христос рекол: Со трпение спасувајте си ги душите (Лука 21, 19). Затоа преподобниот Ефрем Сирин го моли Бога: Даруј ми, пак, како на Твој раб, Дух на трпение... На Бога му е угодна молитвата за трпение и затоа нема да не остави, туку ќе ни помогне на секој од нас и според тежината на нашиот крст ќе ни подари трпение. Бог дарува трпение и прави ничиј крст да не е поголем од неговите можности, а сето тоа е за да не паднеме во малодушност. Ако немаме љубов, тогаш сме бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи (1 Кор. 13, 1). Затоа молитвата продолжува со прозбата: Даруј ми, пак, како на Твој раб, Дух на љубов... За љубовта треба да се молиме упорно и без престан. Љубовта е наголем дар на благодатта Божја. Во древните времиња, посебно за апостолското време, срцата на луѓето биле преполни со љубовта кон Христа. За нив Господ рекол: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе (Јов. 13, 35). Преподобниот Ефрем Сирин својата молитва ја завршува со молбата: Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови. Амин. Оние кои се зафатени со осудување немаат време да се занимаваат со сопствените гревови. Во нашето око се наоѓа грев голем како дрво, но ние не го приметуваме, туку само ја гледаме реската во кото на братот. Се сеќавате ли кога кај Христос донеле жена која била фатена на прељуба? Господ тогаш рекол: Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа! (Јов. 8, 7). Секако дека никој не се осмелил да го стори тоа. Демонот на осудување доаѓа од гордоста, завсита, злобата, омразата, односно од недостатокот на љубов. Чесниот пост ни е даруван за подлабоко да погледнеме во своето срце, да го согледаме гревовите наши, да се покаеме и да го молиме Бога да ни помогне да се ослободиме од пороците и да го стекнеме добродетелите. ___________________ * Оваа Молитва е напишана од Преподобниот Ефрем Сирин и се кажува во текот на Великиот Пост. После секоја прозба се прават големи поклони. Молитвата гласи: Господи и Владико на мојот живот, не давај ми дух на леност, безволност, властољубие и празнословие (поклон) Даруј ми, пак, како на Твој раб Дух на целомудреност, смиреност, трпение и љубов (поклон) Еј, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат, зашто Си благословен во вечни векови. Амин (поклон) Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: pouke.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |