Смислата на иконите - архимандрит Зинон Иконата
ништо не претставува, таа објавува. Таа го објавува Царството Христово, го
објавува преображението, обожувањето на тварите, со самото тоа и обожувањето на
човештвото, кое со својата личност го јавува Христос. Поради тоа, на древните
икони бил изобразуван само Христос, кој се вочовечил заради нашето спасение и
Неговата Мајка. Подоцна се започнало со сликање на апостолите, мачениците кои
исто така преку себе го објавиле Христовиот лик. Квалитетот на иконата се
вреднува по тоа во која мера е блиска на Првообразот, во која мера е согласна
со духовната реалност за која сведочи.
Во смисла на тоа што ни објавува иконата убаво има говорено Леонид Успенски: „Иконата е слика на човекот, во кој реално пребива сеосветувачката благодат на Светиот Дух која спасува од страстите. Поради тоа, неговото тело претставува поинаку од обичното пропадливо човечко тело. Преображениот благодатен лик на светиот, претставен на иконата претставува подобие Божјо, слика на богооткровението, откровение и познавање на сокриеното“. Нашиот знаменит богослов Владимир Николаевич Лоски, иако не бил иконописец, многу верно рекол за иконата дека е „гледање лице в лице“. Во идниот век верните ќе го гледаат Бога лице в лице, а иконата е почеток на тоа созерцување (контеплација). Кнезот Евгениј Трубецки вели да не гледаме ние во иконата - иконата гледа во нас. Кон иконата да се однесуваме како кон некоја многу важна личност: би било дрскост први да почнеме да разговараме со неа, потребно е да стоиме и трпеливо да чекаме додека таа не почне да говори со нас. Иконата се раѓа од живиот литургиски опит, затоа иконописувањето од секогаш се сметало како црковно служење, како Литургија. Пред иконописците се поставувале многу високи морални барања, исти како и пред клириците. Иконата е сведоштво на Црквата за вооплотувањето, за тоа дека Бог дошол на светот, се вооплотил, се соединил со човекот до таа мера, што сега секој може да израсне до мерата на Бога и да Му се обраќа како на Отец. Иконописецот е сведок (очевидец). Неговите икони ќе бидат убедливи на оние кои пред нив стојат, во таа мера, до која тој (иконописецот) се приопштил во тој свет за кој е должен да говори. И така, дали може да сведочи за Бога човек кој не припаѓа на Црквата? За да сведочи за Евангелската вистина, нужно е да биде приопштен, нужно е да го живее тој живот и тогаш таа проповед со посредство на слики и бои ќе биде успешна. Црквата проповеда истовремено со зборови и со слика и поради тоа иконите се наречени и учители. Многу споменуваниот кнез Евгениј Трубецкиј има дадено прекрасно мислење за иконите: „Умозрење (умно согледување) во боја“. Иконата - тоа е овоплотена молитва. Таа се создава во молитва, работи со молитва која е движечка сила и израз на љубовта кон Бога, стремење кон Него, кон совршената Убавина. Според тоа, вон Црквата, во вистинска смисла иконата не може да постои. Како една од формите на Евангелската проповед, како сведоштво на Црквата за Боговоплотувањето, таа е составен дел на богослужението, како што е црковното пеење, архитектурата, обредот. Но сега, можеме да речеме дека иконата не го завзема местото кое и припаѓа и односот кон неа не е таков каков што треба да биде. Иконата стана само илустрација на случката која ја празнуваме, дури веќе не е важно каква е нејзината форма, па поради тоа секоја представа, па дури и фотографија ја почитуваме како икона. На иконата одамна престана да се гледа како на богословие (теологија) во боја, повеќе нема сомнежи дека иконата може да го изопачи вероучењето, исто како и зборот, и наместо да сведочи за Вистината, таа може и лажно да сведочи. Преку своите корени иконата влегува во евхаристискиот опит на Црквата, нераскинливо е врзана неа, како и со самиот црковен живот. Кога степенот на живот во Црквата бил висок и црковната уметност била на високо, но кога црковниот живот слабеел или настапувал период на негово пропаѓање - пропаѓала и црковната уметност. Иконата честопати се претворала во слика со религиозно сиже и нејзиното почитување престанувало да биде вистински православно. За потврда на кажаното може да се види дека во нашите храмови има многу неканонски и забранети од соборите икони, посебно иконата наречена „Новозаветна Троица“ и „Татковство“. Старозаветната забрана за сликање на Бога не е укината во Новозаветното време. Ние можност за сликање имаме добиено дури откако Словото стана тело, стана видлив и опиплив. По боженство Христос е неопислив и не е возможно да го насликаме, но бидејќи во Христос боженствената и човечката природа неслиено се соединиле во една Личност, ние го сликаме Богочовекот Христос, кој заради нашето спасение дојде во светот и ќе пребива до свршетокот на векот. Црквата учи за предвечното раѓање на Синот од Отецот, кој е „Неизречлив, Неизмерлив, Невидлив и Недостижен“. Духот Свет се има јавено во вид на гулаб само на реката Јордан, на Педесетница се има јавено во вид на огнени јазици, на Тавор во вид на облак. Гулабот не е лична слика или претстава на Светиот Дух и на таков начин може единствено да биде изобразена само на иконата Богојавление. Големиот московски собор ја има забрането ваквата или сличната претстава, но дека не се обрнува внимание на ова правило може да се види во секој храм и во секоја продавница за икони. Дури и во Даниловиот манастир за иконостасот на храмот Отците од седумте вселенски собори е изобразена иконата „Татковство“, а таму сите свештеници се со високо теолошко образование. Зачудувачки е фактот дека личното и човечкото преовладува над мислењето на Црквата, која е единствен чувар на Вистината. Иконописот е соборно творење, односно творење на Црквата. Оригиналните творци на иконите се свети отци. Иконографскиот канон, како и богослужењето, се имаат формирано со текот на столетијата и се обликувани некаде во дванаесеттиот век и во тој облик имаат дојдено и до нас. Црквата секогаш давала голема важност на својата уметност, водејќи грижа за секогаш да го изрзува нејзиното учење. Секое отстапување значи отргнување од соборното. Постојат четири икони на Света Троица. Тие се спомнати во чинот на осветување на истите икони во требникот. Тие се: Божјото јавување на Авраам во вид на три ангели; Слегување на Светиот Дух врз апостолите; Богојавление и Преображение. Сите останати претстави на Света Троица треба да се отфрлат како изопачување на црковното учење. Во книгата на Леонид Успенски „Теологија на иконата во Православната Црква“ се наоѓа поглавје „На патот кон единството“, во кое поглавје иконата на Педесетница се разгледува како икона на Црквата. Зошто на таа икона не може да се претстави Пресвета Богородица? И поради што иконата на Педесетница престанува да биде икона на Црквата ако на неа се прикаже Мајката Божја, зошто таа се претворува едноставно во икона на Богородица која је опкружена со апостолите? На таа икона ги гледаме апостолите кои ја претставуваат првата црковна општина, зачетокот на христијанската Црква. Умесно е ако овде се види дека иконата не е претстава на конкретената историска случка. На иконата се претставува апостолот Павле, кој не бил таму во тој момент, апостолот Лука, исто така, кој не бил во редот на дванаесетте апостоли. Глава на Црквата е Христос. Поради тоа центарот на иконата останува празен: на тоа место кое припаѓа на Христос како глава на Црквата никој не може да биде претставен. Денес нема дефинирано и изразено мислење на Црквата по прашањето за црковната уметност. И под оградата на Црквата се прифаќа скоро сѐ. Јас не толку одамна се занимавав со прашањето, на кое до денес немам одговор: поради што многу побожни претставници на клирот и многу монаси не ја прифаќаат иконата како неопходност? Можеме да ги разбереме луѓето кои признаваат дека канонски насликаната икона им е неразбирлива, но никако не можеме да се согласиме со оние кои ја отфрлуваат иконата поради нејзината неразбирливост. Многумина свештенослужители се убедени дека канонските икони се тешки за разбирање на простиот народ и дека е подобро да бидат заменети со претстави од световното сликарство. Јас, меѓутоа сум уверен, дека повеќето стихири, ирмоси, па и самиот богослужбен јазик е уште повеќе неразбирливи, а да не зборуваме за структурата на богослуженијата, но сепак, едвај на некој му дошло мисла да го поедностави богослужението. Задача на Црквата е да ги води луѓето кон висината на боговидението, а не да самата да доаѓа до степен на човечка неукост. Поради тоа, со отфрлањето на вистинската (оригинална) православна икона под сомнеж се става правилното поимање на богослужението, и посебно на Евхаристијата од која се раѓа иконата. превод: ѓакон Димитар Арсовски извор: verujem.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |