Слово за Воздвижение на Чесниот Крст Во денешниот апостол ги слушнавме зборовите: словото за Крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја (1 Кор. 1, 18). Навистина, колку луѓе има на нашата планета кои не можат да го видат крстот, ниту да ја почувствуваат неговата сила, трудејќи се да го оддалечат од себе и од околината.
Колку се вложува напор да се надговори зборот за крстот, наместо вистината да се подметне невистина, наместо правда - неправда, наместо добро - зло. Луѓето се обидуваат да ја оцрнат и затемнат светлоста на вистината, но остануваат изненадени од своите неуспеси. Човештвото со својата мудрост не го позна Бога во Неговата Премудрост и затоа Бог благоволи со безумството на проповедта да ги спаси оние што веруват (1 Кор. 1, 21). Зашто она, што е безумство за Бога, помудро е од луѓето, и она, што е за Бога немошно, посилно е од луѓето (1 Кор. 1, 25). Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога (1 Кор. 1, 27-29). Тешко е за луѓето да ја надвикаат Божјата тишина. Сите гласноговорници и носители на разни идеи не знаат дека еден друг се надвикуваат, а Бог само молчи и трпеливо чека. Апостолот Петар ни кажува: во последните дни ќе се јават подигрувачи, кои ќе живеат според своите желби (2 Пет. 3, 3), а апостолот Павле вели: во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења (1 Тим. 4, 1). Не ли се исполнуваат во денешно време овие зборови браќа и сестри? Оваа вечна вистина ни ја потврдува празникот Воздвижение на Чесниот Крст, кој денес на ова свето место молитвено го прославуваме. За време на царувањето на царот Константин и неговата мајка царицата Елена се имаат случено неколку чуда во врска со Чесниот Крст. На царот Константин Чесниот Крст му се има покажано три пати на небото. Првиот пат кога сакал да го казни царот Максенциј за многуте негови недела и злочини. Собирајќи ја војската, царот застанал на молитва барајќи од Бог да му дарува победа над насилникот. За време на усрдната молитва на небото му се појавил Крстот Господов, изобразен од ѕвезди, кој сјаел посилно до Сонцето и кој имал натпис „Со ова победувај!“. Ова го виделе и војниците кои биле восхитени. По видението царот наредил да се повикаат вешти златари и до злато, бисери и скапоцени камења да се направи Чесниот Крст по примерот на знамението кое се јавило на небото и да се носи пред војничките полкови. Со силата на Чесниот Крст царската војска ја добила победата над многубројниот непријател. Друг пат, царот Константин водел војна против византијците и од нив два пати бил поразен. Една вечер кога царот ги подигнал очите кон небото, со ѕвезди било напишано: Повикај Ме во тежок ден; Јас ќе те избавам, а ти ќе Ме прославиш (Псал. 49, 15). Во страв царот погледнал и втор пат на небото и како и порано бил изобразен крст на небото и околу него било напишано „Со ова ќе победиш!“ По ова видение, царот постапил исто како и првиот пат и ги победил непријателите. Третиот пат царот Константин бил во војна со Скитите на реката Дунав. И тогаш му се јавил Крстот и со Неговата сила ги поразил непријателите. Познавајќи го Христа од чудесните случки, од силата на Крстот на кој бил распнат Господ Исус Христос и поверувајќи во Него, царот Константин и неговата мајка Елена се крстиле. Во нивните срца им се јавила желба да го пронајдат Чесниот Крст на кој пострадал нашиот Господ Исус Христос. Царот ја испратил својата богољубива мајка во Ерусалим за таму да го побара Чесниот Крст Господов. Во Ерусалим, царицата ги посетила сите свети места, ги очистила од идолското поганство и ги изнела на виделина моштите на многумина светители. Од евреите разбрала за еден старец кој се викал Јуда, кој после многу наговарања и маки го покажал местото под идолскиот храм посветен на божицата Венера каде што бил сокриен Чесниот Крст. Царицата дала наредба да се сруши идолскиот храм, а земјата и камењата да се исфрлат. Кога сето тоа било завршено царицата го повикала патријархот Макариј и тој да се помоли на тоа свето место. По молитвата се појавил силен мирис во близина се пронајдени три крста, а потоа и клинците со кои Господ бил прикован на крст. Меѓутоа, се појавила и недоумица на кој од трите пронајдени крстови е распнат Христос. Но Бог не ги оставил своите слуги долго во двоумење. Во тоа време наишла поворка со мртовец кој го носеле за да биде погребан. Патријархот ја сопрел поворка и наредил крстовите еден по еден да се полагаат над мртвиот. И кога бил положен Христовиот Крст, во истиот час воскреснал со силата на боженствениот Крст. Царицата со радост го примила Чесниот Крст, му се поклонила и го целивала, а истото го направиле и останатите со нив. Оние, поради мноштвото народ, кои што не биле во можност да му се поклонат на Чесниот Крст, молеле макар од далеку да им биде покажан за да го видат. Тогаш, патријархот Ерусалимски Макариј, го подигнал Крстот покажувајќи го на народот. А народот викал: „Господи помилуј!“. Така започнало празнувањето на Воздвижение на чесниот Крст Господов. Нека оваа случка браќа и сестри, овој голем празник Воздвижение на Крстот Господов и пројавувањето на чудата да ни биде за поука. Нека и нас како и на царот Константин нѐ штити и чува силата на Чесниот Крст и да ни даде моќ да истраеме во христијанските и евангелските добродетели. Да се разгори во нас желба да го следиме Христос, за подржување на Неговите дела и Неговиот пример. Нека и нас, како многубројните свети луѓе да нѐ поттикне да го живееме животот кој го живееле тие, да ги вршиме делата кои ги вршеле тие, и ние како и тие да ги наследиме неминливите блага на Царството небесно. Не смееме да си допуштиме поради нашето неверување или непочитување на Крстот Христов да се одвоиме од Христа или Царството небесно, туку да ја негуваме цврстата и непоколеблива вера и да го кренеме Чесниот Крст како што го кренал патријархот Макариј во 326 година, за да ни свети нам и да не чува од сите демоски искушенија. Нека себлагиот Господ нѐ укрепи со својата благодат и со силата на Чесниот Крст за да можеме секогаш со радост да принесуваме похвала на Него со Неговиот единороден Син и со Сесветиот, благ и животворен Дух. Амин. Превод: ѓакон Димитар Арсовски објавено во: „Троичник“ бр. 43 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |