Светите отци за суеверието - Суеверието е поклонување на ѓаволот„Не примај лажни изјави; не мешај се со неправедни, за да не сведочиш криво“ (2 Мој. 23, 1)
Тежок грев против првата Божја заповед врши оној кој се држи до суеверието. Суеверието или празноверието е верување кое на ништо не е засновано и е недостојно за вистинските христијани. Светите Oтци и учителите на Црквата честопати опоменувале за предрасудите и суеверијата во кои паѓале раните христијани. Нивните опомени се насочени против три појави: 1. Таканаречен добар или лош знак, кога најбезначајните случки се третираат како добар или лош знак, знак кој нешто нѝ говори за околностите на нашиот живот. 2. Гатање и вражањето, или пак силната желба со било какви, па дури и со темни средства, да дознаеме каков ќе биде нашиот живот, и дали нашите понатамошни постапки ќе бидат успешни или неуспешни. 3. Желбата да се добие моќ за исцелување од разни болести или заштита од разни неволји и опасности, користење и верување во предмети кои сами по себе немаат никаква моќ, ниту по своите својства можат да имат било какво делување на нашата благосостојба и среќа. ДОБАР И ЛОШ ЗНАК Многумина христијани – зборува Св. Василиј Велики – мислат дека не е штетно да ги слушаат оние кои обрнуваат внимание на добрите и лошите знаци. Некој додека зборувал кивнал и многумина велат: тоа е лош знак. Некој од позадина ќе ме повика по име, ногата ми климнала, облеката се закачила... сето тоа е лош знак. Дури и луѓе кои го очекуваат Небесниот Судија ладнокрвно паѓаат под влијание на овој порок. Но слушнете ме добро: Народот кој се препушта на ова ќе биде отфрлен. Уште во древноста, по законот на Мојсеј, гатањето, вражањето и магијата се отфрлени како демонски изум. Речено е: „Не гатајте според птиците“ (3 Мој. 19, 26); „Зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал“ (5 Мој. 18, 14). Кој ги разбира Божјите повелби, на тој не му доликува да го прави она што не треба, односно, не доликува, за советници, или уште полошо за учители и законодавци да ги смета неразумните битија. Птицата не знае за опасноста која нејзе ѝ се заканува и која ѝ е пред очите, а како тогаш на вас ќе ви ја претскажува иднината. Залудно е движењето на птиците кое за тебе станува откровение на иднината! Ако според дејството на демоните птиците летаат вака или онака за ти да се вплеткаш во демонската мрежа, тогаш немој да седиш со отворена уста и да ги чекаш демонските сплетки и не препуштај се под влијание на демонот. Тој, ако еднаш ја улови душата која лесно оди во пропаст, нема да ја пушти од рака, туку ќе ја употребува за лоши дела. Но, во суеверното срце страв влева и гавран кој грака или орел кој кружи, не наоѓајки плен. Непријателот толку го руга човекот, дури и мачка кога ќе го пресретне на пат, или куче ако залае, или човек ако го сретне рано наутро со повредено лево око, без разлика колку и да е расположен и ведар, човекот ќе се сврти и замине, а понекогаш и ќе замижи од страв. Што има полошо од таквиот живот? Во сѐ и сешто да гледаш, во сѐ да бараш лош знак, наместо својата душа да ја вознесуваш кон Господа? Во една беседа на Св. Јован Златоуст упатена кон огласените читаме: „Кој од вас, излегувајќи од својата куќа, сретне сакат или хром и тоа го доживува како лош знак, тој помислува сатански работи, бидејќи средбите еден со друг не нè прават несреќни, туку тоа го прави гревовниот живот. ГАТАЊЕ Во беседа по повод новата година Златоуст говори: „Најмногу ме ожалостуваат игрите кои денес се случуваат... а полни се со разврат и бесчестие, бидејќи оние кои ги спроведуваат тие игри гледаат кој ден е, гатаат и мислат дека ако првиот ден во годината успеат да го поминат во веселба и задоволство, дека целата година ќе им биде таква. Но годината нема да ти е среќна ако се опиеш уште во првиот ден, туку ако во првиот и во останатите го правиш она што Му е угодно на Бога. Ако не се грижиш за добрите дела, а ја бараш среќата според движењето на месечината, или во броење на деновите, тогаш нема да ти е добро. Гледањето и броењето на деновите не е во согласност со христијанската мудрост. Тоа е елинска заблуда“. Изобличувајќи го суеверието за деновите кои се сметаат за среќни и за несреќни Светиот Златоуст кажува: „Ѓаволот се труди да ги пресече нашите подвизи, добри дела и да ја згасне волјата во нашата душа, па затоа нè наговара успесите и неуспесите да ги препишуваме на деновите во кои се направени. Ако некој верува дека денот е среќен или несреќен, тој во (според него) несреќните денови не треба да се труди да прави добри дела, мислејќи дека тој труд е залуден поради баксузот и дека ништо нема да му тргне од рака. Исто така, ни во среќните денови нема да врши дела за да не ѝ наштети на сопствената мрзоволност. Така, и едното и другото му нанесуваат штета на спасението на душата. Потпирајќи се, понекогаш неразумно, а понекогаш и без надеж, човекот го поминува својот живот во безделничење и злоделување. Ние, меѓутоа, треба да ги избегнуваме ѓаволските мрежи, да го отфрлиме духовниот страв, да не обрнуваме внимание на деновите, ниту пак, некои денови да ги мразиме, а други да ги сакаме.“ Блажениот Августин, исто така строго го осудува гатањето: „Нивните последици – вели тој – најчесто се во согласност со мислите и убедувањата на секој човек. Злите духови го држат човекот во прелест, задоволувајќи ја неговата вообразеност и прикажувајќи го она што го гледа, за да одговора на неговите очекувања и желби... Инаку, предрасудите дека некои појави имаат значение, треба да ги гледаме како на своеволен договор со злите духови. Луѓето кои во себе ја негуваат желбата за ваквата погубна наука – гатањето, таквите ќе потпаднат под Божјиот суд поради влијанието на паднатите ангели, на кои им се дозволува понекогаш да имаат влијание на долниот (се мисли на земните, заб. прев.) дел од созданијата. Од таквите прелажувања од страна на злите духови, се случува за време на пророкувањето понекогаш да откријат работи кои се случиле во минатото, или што ќе се случи во иднина и зборуваат многу повеќе од тоа што ќе се случи. Таквите мали успеси ја побудуваат и потхрануваат нивната желба за знаење, со што самите себеси и другите сѐ повеќе ги вплеткуваат во мрежите на злобните заблуди... дури ни точноста на ваквите претскажувања не го оправдува претскажувањето. Поради тоа, оваа богохулна вистина, со чија помош била повикана сенката на умрениот Самуил е достојна за секакво гадење и проклетство, без разлика што таа сенка, кога му ја покажале на царот Саул, ја претскажувала вистината. УПОТРЕБА НА ПРЕДМЕТИ ЗА „ИСЦЕЛУВАЊЕ“ НА БОЛЕСТИ Остро осудување за носење на амајлии и вршење на суеверни обреди за заштита од болест и несреќа сретнуваме во беседите кај Свети Јован Златоуст во толкувањето на првото послание до Коринтјаните, каде што вели: „По склучувањето на бракот, ако се роди детенце, ние гледаме мноштво на симболични постапки кои се достојни за исмевање: треба ли да зборуваме за повезите, за црвените копчиња и за другите докази за безумието, кога се знае дека детето не треба да носи ништо друго освен спасоносниот Крст. Меѓутоа, Крстот кој ја зацврсти сета вселена, го порази ѓаволот и му ја зеде сета сила негова, денес се занемарува. А ткаенините, копчињата и на другите додатоци се доверува безбедноста на детето. Зарем не се срамите? Кажете ми, дали еднаш засекогаш ќе разберете дека ѓаволот од најмала возраст на човекот, малку по малку, ги поставува своите мрежи и ги користи сите свои лукавства? Смешно е сето она на што сатаната го наговара човекот, но заблудениот човек не само што е смешен, туку го чека и огнениот пекол! Ако тоа го прават незнабожците, тоа ни најмалку не е чудно, но оние, кои се поклонуваат на Крстот, кои земаат учество во неискажливите Свети Тајни и кои имаат стекнато љубов кон мудроста, кога ваквите се придржуваат кон таквите срамни обичаи – тоагаш тоа е достојно за многу солзи“. На друго место Свети Јован Златоуст вели: „Што да речеме за оние кои на своите нозе и на главите ставаат бакарни парички од Александар Македонски? Кажете ми: тоа ли се нашите надежи? Како после Крстот и смртта на Господ ти полагаш надеж за спасение во ликот на незнабожечки цар?“ По ваквото изобличување на суеверието кај Светиот Јован Златоуст и другите Свети Отци и учители на Црквата, да се потсетиме дека и во книгата „Православно исповедување на верата“ во одговор на прашањето: Кој греши против првата заповед и на кој начин?“ – го читаме следното: „Против овие заповеди грешат оние кои се занимаваат со вражање, гатање, како и оние кои ги поддржуваат нивните дела, а тоа се оние кои носат материјали и повези против уроци или неволји, сите оние кои се врзуваат за суеверни обичаи и веруваат во нив, а исто така и оние кои за време на болест одат кај бајач или ги повикуваат кај себе, па се обидуваат да се лечат со бабинско шепотење и се придржуваат на такви слични работи, а и тие кои на секој чекор гледаат добар или лош знак“. ВЕРУВАЊЕ ВО АМАЈЛИИ (МАГИСКА ЗАШТИТА ОД БОЛЕСТИ И ДРУГИ НЕВОЛЈИ) Православниот христијанин има силна заштита во неволјите. Тоа е неговиот Крст кој го носи на градите и честото изобразување на крстниот знак на себе; тоа се светите икони; тоа е Ангелот чувар. А носењето или чувањето на измислени работи, како на пример „најдено писмо во Ерусалим“ и таквите слични измислици, преполни со секакви глупости и суеверија, или закачување на вратот на децата некакви разни предметчиња кои треба да ги штитат од болести, или хартивчиња со некакви текстови, или амајлии (на пример ланчиња, конци, заби или нокти од мечка) – сето тоа не е ништо друго, туку земање на ѓаволскиот јарем на својата душа. За тој грев е предвидено дури и одлачување од Црквата (Лаодикиски собор, 36). ДА СЕ ВЕРУВА ВО ПРЕТЧУВСТВО Е ГРЕВ Човек може да претчувствува некаква голема промена во животот, особено смртта, но главно претчувствата можат да нè излажат, бидејќи по падот на Адам способноста за претчувствување е изгубена, а честопати може да биде предизвикана од лежерен живот или вообразба. Понатаму, врз основа на претчувство не треба да донесуваме конечни одлуки за својата или туѓата иднина, бидејќи на тој начин непотребно паѓаме во грев или лажна радост. Така се заборава промислата Божја која управува со нашиот живот и која со својата премудра и добра намера може да нè избави и од најочигледните несреќи, како што може и да не ја оправда радоста која ја претчувствуваме. Језекиј во тешка болест требало да умре, но не умрел. Аман однапред се радувал на својот триумф над Мардохеј, но неговото претчувство не се исполнило. Немојте брзоплето да верувате во претчувствата. ВЕРУВАЊЕ ВО ДОБАР И ЛОШ ЗНАК, ЗА ТОЛКУВАЊЕ НА ИЗРАЗИТЕ КАКО ШТО СЕ „ТАКА БИВА“ И „ТАКА НЕ БИВА“ „Стапките на човекот се определуваат од Господа“ (Изрек. 20, 24) Наместо во својот живот да се раководи според здравиот разум, суеверниот човек сите свои успеси или неуспеси во секојдневниот живот ги поврзува со разноразни појави кои му претставуваат добар или лош знак. Некои сметаат дека кога ќе сретнат свештеник или човек кој носи празни кофи е лош знак. Или на пример дека не треба да подарувате остри предмети, во понеделник не треба да се почне со некоја работа, третата свеќа која гори е опасна, тринаесеттиот човек кој седи на стол е исто така опасен, а ако се изгасне свеќата тоа значи дека ќе дојдат гости и така натаму. Ако обрнеме внимание на сите тие празноверија ќе видиме дека зад многу од нив постојат едноставни историски или практични причини, а сите тие заедно се негираат од Божјото слови и здравиот разум. Христијанинот треба да го отфрли секое суеверие, предрасуда, како и секој добар и лош знак. превод: ѓакон Димитар Арсовски објавено во: „Троичник“ бр. 45 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |