Прогресивните за... Претходните денови беа исполнети со еден куп немили настани, односно протести, чии идеали и морални норми беа дијаметрално спротивни од Евангелието, просто човек да помисли дека живееме во самиот финиш од седмиот ден, а можеби е токму таа доба? Она што посебно ме испровоцира за овој текст е протестот во врска со законот за абортус. За оваа проблематика постојат две гледишта – за или против, трето нема. Едвај стотина души (што е незначително мал процент жители) излегоа пред собранието со пароли: „Мое тело – мој избор“ или „Контрацепција наместо солење памет“ и сл. Чист егоизам! Политичката определба на тие млади луѓе ќе ја оставиме настрана и за нив ќе позборувам пред се како граѓанин, а потоа како теолог.
Замислете за што протестираат! Да биде легално убиството! Да бидеш убиец, а притоа да не бидеш подложен на законска казна, да бидеш демиург и да одлучуваш за животот на другите, а притоа да немаш грижа на совест. Навистина, човек кога би погледнал или би прочитал за нивните „прогресивни“ ставови, кои се украсени со убаво составени реченици, за миг би помислил дека се во право, но за жал практиката говори нешто друго. Најпрвин ќе спомнам дека неколку десетина (а можеби и повеќе) од протестантите се членови на ЛГБТ заедницата*. Нели е малку парадоксално лице кое јавно се декларира како геј да бара слобода да абортира? Како прво оној што е во (неблагословена) заедница со лице од исти пол по природен пат не може да зачне и во својата утроба да носи плод, па по автоматизам не може да роди, а камо ли да абортира. За ова не треба да сме солидни познавачи на Аристотеловата логика за да дојдеме до оваа конклузија. Ајде, ќе речат дека се подржувачи за правото на жената за избор. Но и ова не држи вода. Како можат тие да се стават во улога на мајка кога тие никогаш не можат да бидат ниту мајки, ниту татковци. Никогаш ја немале почувствувано радоста на од Бога благословената заедница и убавината на чекањето на бебе. Ниту виделе како расте стомачето, ниту првата слика на ултра звук, ниту првото мрднување во мешето, реакциите на бебето додека е во утробата, со други зборови ја немаат доживеано таа среќа која ја имаат паровите кои чекаат принова, а да не зборуваме за првото запче, првиот чекор, првиот збор... Ова повеќе ми личи на бунтовници без причина, отколку на прогресивна младина која има визија. Само пола ден пред да почне протестот за правото за абортус, на еден од ТВ медиумите имаше вест дека односот кон кокошките во фармите бил нехуман. Колку и да звучи смешно, сепак е вистинито. Правата на кокошките!? А правата на бебињата во утробата? Правата на еден човечки живот? Значи сме еволуирале во толеранцијата кон животните, но сме го изгубиле сенсот за цената на човечкиот живот; ги сакаме миленичињата, а си ги мразиме децата. За каква љубов станува збор? Овде нема љубов, туку само себичност и страв дека зачнатиот живот ќе ја смени досегашната шема на живот, ќе го изгубиме слободното време, ќе го изгубиме комфорот, ќе се намали семејниот буџет и еден куп други оправдувања кои секако не треба да бидат причина да станеме (озаконети) убијци! Бараме право на жената за живот без обврска, а зошто не се сетиме дека го загрозуваме правото на зачнатото за живот. Можеби убиваме некој нов Тесла, нов Ајнштајн... Второ нешто што навистина ме иритираше беше односот на истите тие луѓе со изјавата на владиката Петар за современата жена. Отец Петар толку јасно и децидно ја кажа поентата, но речиси од сите медиуми, а посебно оние кои се раководени од „поборниците за човекови права“ беше толку лукаво претставено дека Црквата е антифеминистички настроена, дека жената ја спушта на ниво пониско од мажот. De facto феминизмот како идеал и движење е релативно нов момент и нова проблематика на Црквата и како таков не е во склад со учењето предадено од апостолите. Светиот апостол Павле како да ја предвидел оваа појава кога го пишувал посланието до Ефесјаните, па ја начнал и оваа тема (прочитај Ефес. 5, 21-33 – овој текст се чита на Светата тајна венчание) во која нема ниту еден збор кој би нè навел да мислиме дека Црквата е антифеминистички настроена. Интересно е тоа што крајно лукаво и не етички се однесуваат, чекаат како волци да го фатат на некој збор и за тој збор се фаќаат како слепци за стап, без разлика во кој контекст е кажан. Просто речено, добивам впечаток дека критеруим за некое лице да биде (само)прогласено за прогресивно прво и основно треба да е нерелигиозно и со сите сили да го напаѓа Бога, без разлика дали таквиот напад има причина, или пак, е научно и философски издржан, за аскетски да не зборувам. Зошто ако се толку големи заштитници за правата на жените не отидат пред некоја џамија и таму да протестираат за правото на современата жена – муслиманка? Или, Црквата е толерантна, не користи насилство, и ајде, удри, нема да ни возвратат? Но, не ме зачудува тоа толку, бидејќи ова претставува нејасно прашање и на современата психологија – зошто современиот човек има потреба од докажување и од бунтовништво? Потполно сме свесни дека многу тешко се менува мислењето на еден човек, а камо ли на цела маса луѓе. На крајот од краевите Бог уште кога нè создал ни дал слободна волја да правиме што сакаме, но апостолот Павле вели сè ми е позволено, но не е сè полезно (1 Кор. 6, 12), а ние сме тие што ќе треба да дадеме отчет за нашите (не)дела на Судот. Понекогаш посакувам Кафка и Ками да беа живи и да живееа овде, сигурно би напишале повеќе и поинтересни дела гледајќи ја нашата хуманост и свест – или, пак, аспурдноста на современиот (млад) човек... ________________ *За да не им ја нарушам приватноста не ги ставив линковите каде што ги има на фотографии. ѓакон Димитар Арсовски |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |