Поучение за Рождество Христово - Св. Климент Охридски
Елате браќа и чеда, внимателно послушајте, зашто ќе ви го кажам значението на денешниот ден кога се случило посетувањето и обновувањето на човековиот род, кој поради измама пострада со престанувањето на божјата заповед што му беше одамна дадена во рајот на нашиот праотец Адам.
Заради зависта отпадна од славата Божја и беше лишен од рајската храна, во гревови не породи и врагот го виде лишен од Славата Божја; соблазнувајќи ги луѓето со многу лукавства сакаше да ги одвои од Бога, со злостворство и клевета, со кражба и со блуд; И откако ги употреби сите зли пакости, врагот сакаше да не оддалечи од Бога. Милостивиот Господ не можеше да трпи, да гледа како пропаѓаме во толкаво зло и не го заборави делото на Своите раце, туку го приближи небото и слезе заради нашето избавление и во наше тело се облече, сакајќи да не облече во своето Божество. Во пелени беше повиен како младенец, во прав земен повиен; во животински јасли лежеше тој, кој секогаш почиваше на рамената од Херувимите, за да не избави нас од скотскиот живот. Заради нас Несоздадениот стана видлив, во вакво создание се облече; и Оној што не можеше да се опипа, постана опиплив. Синот Божји стана син на Девојката без да го изгуби своето божество, а постана човек - совршен Бог и човек, во тело се јави Божеството заради нас. И отако ја најде заблудената овца ја крена на рамо и ја приведе кон Отецот, а тоа е човекот - кој што дотогаш беше изгубен; и на веселба ги повика ангелските сили господни: „Радувајте се со мене зашто ја најдов загуната овца“. Затоа браќа должни мсе да го славиме Неговото слегување, Неговите заповеди секогаш да ги чуваме, зашто самиот Тој тоа го напиша и ни го предаде нам. А во законт пишува: „Не убивај, не кради, не прељубодејствувај, не свидетелствувај лажно, но почитувај ги татка си и мајка си, љуби го ближниот свој како самиот себе си“, а ближни ни се не само роднините, туку секој што живее во верата Христова; Напојувајќи го жедниот, прибирајќи го туѓинецот, чесно почитувајќи ги Божјите служители, зошто тие се грижат за вашите души. Кон Црквата да брзаме дење и ноќе, дека тука се чистиме од гревовите. Трезвени и со чисти срца да пристапуваме кон Божјото тело и крв и да не мразиме никого, да не се сакаме само со збор, ами и со срце еден друг да се сакаме. Да бидеме синови на Вишниот и учесници во Царството Небесно во кое не повикува и заради што дојде Христос вистинскиот Бог наш во две природи. Амин! |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |