Полнотата на божествениот живот во Троица - епископ Иларион (Алфеев) За да го направат подостапно и поразбирливо учењето за Светата Троица, светите отци секогаш се служеле со аналогии и споредби. На пример Света Троица може да се спореди со Сонцето: кога ќе речеме „Сонце“ ние мислиме на небеското тело, но во исто време и на сончевата светлина и топлина. Свелината и топлината се јавуваат како самостојни „ипостаси“ кои во ниеден момент не дејствуваат одвоено од Сонцето. Исто и Сонцето не дејствува без топлината и светлината... Друга аналогија: водата, изворот и потокот: едното не може без другото... Човекот има ум, душа и разум: умот не може без душата и разумот, инаку тој би бил бездушен и неразумен. Во Бог се Отецот, Синот и Светиот Дух како што ни го пренеле заштитниците на „единосуштието“ од Никејскиот собор. Ако Бог Отецот делувал без Бог Словото (Синот), тоа значи дека Он бил бессловесен и неразумен. Со споредби е тешко да се објасни тајната бидејќи сончевата светлина не е личност, ниту пак битие. По едноставно би било да ја објасниме тајната како што ја објаснил светиот Спиридон Триминутски кога учествувал во Никејскиот собор. Според преданието кога го запрашале како може Троица во исто време да бидат Еден, тој наместо одговор во рацете зел една тула и ја стиснал. Од горниот дел на тулата се појавил пламен, од долниот дел потекла вода, а помегу прстите таа омекнала. Како што во оваа тула има оган и вода - рекол светителот, така и во Единиот Бог има три лица...
Другата верзија на оваа сторија (што најверојатно е сосем друга случка) гласи вака: Еден философ долго спорел со отците од тој собор обидувајќи се логички да докаже дека Синот не може да биде едносуштен со Отецот. Уморени од дебатите сите почнале да си разотидуваат кога наеднаш во салата влегол некој старец (кој личел многу на светиот Спиридон) и изјавил дека е подготвен да спори со философот и да му одговори на сите прашања. Тогаш остро погледнал кон философот и му рекол: „Слушај философе, еден е Бог, Создателот на небото и земјата, кој создал се преку силата на Синот и дејството на Светиот Дух. Тој, Синот Божји се вооплоти, живееше со луѓето, умрел за нас и воскреснал. Не труди се напразно да бараш докази за она кое се стекнува само со вера, но ајде одговори ми: веруваш ли во Синот Божји?“ Поразен од зборовите на старецот философот промрморил: „верувам“. Тогаш старецот му рекол: „Ако веруваш дојди со мене во храмот и таму ќе те приопштам кон вистинската вера“. Философот веднаш станал и тргнал по старецот. На излегување тој им рекол на присутните: „Додека ми докажувавте со зборови, јас ви се спротиставував со зборови, но кога од устата на овој старец се јави Божјата сила, моите зборови не можеа да се спротивстават на силата бидејќи човекот не може да се спротивставува на Бога...“ Бог Троица не е некакво мирување, неподвижност, статичност. Јас сум Оној, Кој вечно постои (2 Мој. 3,14). Постои - значи оној кој живее, обитава. Во Бог е полнотата на животот, а животот е движење, откровение. Некои од Божествените имиња како што видовме имаат динамичен карактер. Бог е споредуван со оган (2 Мој. 24,17), со ветер (1 Мој. 2,13). Во Библиската книга „Песна над песните“ жената го бара својот возљубен кој бега од неа. Тој образ има симболика во христијанската традиција (Ориген, Св. Григориј Низиски) како стремеж на душата кон Бога. Душата го бара Бога, но тешко Го наоѓа и одново Го губи, се обидува да го достигне, но не може да го стигне. Да се стигне Бог значи да се стане Божествен. Исто е како со физичките закони, ако некое материјално тело започне да се движи со брзина на светлината, тоа само по себе би се претворило во светлина. Така е и со душата, колку е поблизу до Бога, толку повеќе таа ќе се исползува со светлината и станува светлоносна. Светото Писмо кажува дека Бог е љубов (1 Јов. 4, 8). Но нема љубов без љубење. Љубовта предполага да го љубиме другиот. Самотната и изолирана монада може да се љуби само себе си, но себељубието не е љубов. Егоцентричната единица не е личност. Како човекот ќе се осознае како личност, ако не преку општењето со другите личности. Бог Троица е полнота на љубовта. Секоја Ипостас го љуби другите ипостаси. Лицата во Троица се осознаваат како „јас и ти“: Како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе (Јов. 17, 21) кажува Христос на Отецот. Се што има Отецот, Мое е; затоа ви реков дека од Моето ќе земе и ќе ви јави (Јов. 16, 15) зборува за Светиот Дух. На иконата „Пресвета Троица“ од Андреј Рубљов, но и на други икони од истиот иконографски тип ние гледаме три ангели кои седат околу масата на која е Чашата - симболот на искупителната Христова жртва. Сижето на иконата е земено од случајот со Авраам („Гостопримството Авраамово“ се нарекува иконата), кога лицата на Пресвета Троица се свртени едно кон друго и истовремено кон чашата. На иконата е изобразена онаа божествена љубов која царува внатре во Троица која е највисока пројава. Крсната жртва на Бог - Синот е исто така подвиг на љубовта на Отецот и Светиот Дух. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: dveri.bg |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |