Новозаветната заповед на љубовта - протоереј Димитриј Дудко Бога треба да го сакаме со целото срце, со својата душа и со своите мисли, односно со целиот разум, а ближниот свој онолку колку што се сакаме самите себе. Бог треба да влезе во нашето срце, да ја освети нашата душа и да ја очисти, и да влезе во нашиот ум, за да би го научил на мудрост. Само осветениот, очистениот и мудриот човек може да го сака својот ближен како себе си.
Љубовта кон Бога во суштина е љубов кон себе, желба за спасение. Оној кој го сака Бога, својата љубов ја пренесува и на луѓето, како на видлива икона Божја и ги сака со целото свое срце, душа и мисла, како и самиот себе. Срцето, душата, мислата и умот заедно го сочинуваат целиот човек. Сите ние, луѓето, исто така сочинуваме еден човек. И како што преку Адам сме згрешиле, така преку Христос се спасуваме. Целиот човек не е индивидуа, тој е цело човештво. И повеќе од тоа: човек и Бог, Богочовек – ете што е наменето за човекот. Во нашето време човекот не се развива како целосно битие. Некои луѓе главно живеат според умот, или поточно речено не според умот, туку според разумот – „здравиот разум“, како што тоа сега се нарекува. Кога таквиот човек размислува за Бога, тој го замислува како нешто рационално и апстрактно. Други луѓе живеат според срцето, но не она срце за кое се вели „срце чисто соѕидај во мене“, туку по својата похот и сетилност. Третиот вид на луѓе се мечтателите, сонувачите, оние со неприлагоден живот. Кај нив не работи мислата која се вооплотува во збор, тие мечтаат напразно и не разбирајќи го животот и не верувајќи во ништо градат кули во облаците. Современиот човек е искинат на делчиња и секое негово делче е толку изобличено што понекогаш се прашуваме: зарем тоа е човекот, кој Бог го создал по Својот образ и подобие? И затоа, нашето срце, душата и мислите за да би работеле правилно и да би можеле да го сакаме човекот, ние мораме да го сакаме Бога. Љубовта кон Бога ни е неопходна, пред се, за би го вратиле својот лик, за да станеме слични на Бога. Оној Бог, Кој пострадал за човекот, Богот на љубовта. Тогаш ќе сфатиме што значи да го сакаме човекот како себе си и да се жртвуваме за него. Тоа е затворен круг: Бог плус човек, човек плус Бог. Или да употребиме философска терминологија, тоа се две антиномии кои откриваат една вистина – љубовта. Да се сетиме како започнува Евангелито: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно“ (Мат. 3, 2). Така говорел светиот Јован Претеча, најавувајќи го доаѓањето Христово, а така говорел и самиот Христос: покајте се! Се додека во нас нема вистинско покајание, ние ништо нема да разбереме во врска со Христијанството како што треба. Гревовите не врзале, испиле, осквернале и не покриле со мрак, сме станале развратни и веќе не вредиме за ништо. Само да ги погледнеме какви се оние најпобожните помеѓу нас, таканаречените верници. Тие си создале за себе еден посебен свет на верата, живеат во тој измислен свет, сакаат да зборуваат за Бога, понекогаш и многу умно, а животот поради тоа не им станува ни малку подобар: добродетелите, добрите дела, храмот и неговите светињи им се чинат застарени и не се по нивни вкус. Други го признаваат храмот, но на него гледаат само како на форма. Храмот се претвора во место за трговија, во кое се купуваат молитвите и се закажуваат требите – светињата е претворена во пари. Сето ова, најповеќе се однесува на простиот народ. А да не зборуваме за оние најлошите, за безбожниците, кои немаат никаква претстава за Живиот Бог. Тие се самите на себе богови и за нив е добро сето она што им одговара! Тие не признаваат никакви светињи и немаат кому да се молат. И така нашиот живот се претворил во нешто потполно несватливо. Вака веќе не може! Оние кои чувствуваат што се случува, биле верници или не, даваат знак за тревога. Се посилно се чувствува дека се приближува некоја катастрофа. Зар се ближи крајот на човековата историја? Крај или не, сеедно е, а ако е крај, тогаш уште по гласно треба да се чуе повикот на Св. Јован Претеча и на самиот Спасител: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ Меѓу другото, ние и не разбираме како треба да се каеме, што е тоа покајание? Некои мислат дека покајанието е кога едноставно бараме простување од Бога. Некои мислат дека е покајанието – само психолошко чувство на каење и дека не е потребно да се прочепка по наталожените гревови за бидат отстранети. Затоа Исповедта, оваа голема Света Тајна, често се врши само формално и не допира до нашето битие. Така добиваме вера која не е вистинска вера, туку вера во обреди. Покајте се! Мораме себе да се разбудиме. Стариот огревовен човек се буди кога ќе му биде наредено. Божјите заповеди „немој да имаш други богови“ и „не убивај“, звучат како наредби. Главната заповед кој го разделува и спојува Стариот и Новиот Завет, заповедта на љубовта, исто така звучи авторитетно, таа наредува љубов. Некои мислат дека заповедањето претставува насилство. Тоа е точно за заповедите кои доаѓаат од човекот, но заповедта која доаѓа од Бога – не е насилство. Божјата заповед ги открива во нас луѓето - создадените по Божјиот образ и подобие. Бог се вооплотил и станал човек за да би го спасил човекот од внатре. Он се вооплотил и примил човечка природа, а дали тоа е насилство? Љубовта не може да биде насилство: таа го исполнува и шири срцето, таа нас не води. Затоа внимателно да ги слушаме новозаветните заповеди кои не ни ги дава страшниот Бог Јахве, туку Спасителот наш, Господ Исус Христос. БЕСЕДА НА ГОРАТА - БЛАЖЕНСТВА „Кога го виде народот, Тој се искачи на гората. И штом седна, учениците негови се приближија до Него“ (Мат. 5, 1). Неговите ученици сме сите ние – Христијаните. Бог Јахве разговарал со Мојсеј, а потоа Мојсеј разговарал со народот. Христос, Самиот Бог, разговара со народот без посредник. Ние сме пред Бога и Бог со нас разговара. Во таа прилика нам ни е посебно потребно покајанието. Ние, грешните луѓе, треба да го слушаме својот Бог со стравопочитување. Беседата на гората започнува со заповедите за блаженствата. Овие заповеди влегле во богослужението и се пеат на Светата Литургија, на третиот антифон. Тоа нам ни говори дека ако сакаме да ја разбереме Литургијата и на вистински начин да учествуваме во неа, треба да ги почитуваме заповедите. Службата треба да почне пред да влеземе во храмот. „БЛАЖЕНИ СЕ БЕДНИТЕ ПО ДУХ, ЗАШТО НИВНО Е ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО!“ Бедните по дух – горделивците од овој свет ќе се потсмеат на овие зборови. Кажуваат дека зборот „бедни“ значи духовно сиромашни, јадни, ненормални. Можеби затоа некои безбожници сите верни ги вбројуваат во редот на сиромашните и ненормалните? Но, не е најважно кој како мисли, туку што е вистината. „Бедните и сиромашните“ се смирените луѓе, без гордост, оние кои се над другите, а за себе мислат дека се последни. Оној кој за себе мисли дека е сиромашен по дух, тој, природно ќе работи за да се збогати. А оној кој мисли дека има се и дека ништо не му треба, тој, секако нема да се грижи за своето усовршување, туку ќе ужива во своето замислено богатство. Оние кои себе се сметаат за бедни по дух ќе работат на своето самоусовршувањево и ќе напредуваат според со своите можности. Оној кој не мисли така, ќе застане со својот духовен развој и нема да напредува. Се поставува прашањето кој е, во тој случај беден по дух? Тоа е горделивецот, кој нашиот Спасител не го прима, бидејќи како што пишува во Светото Писмо, Бог им противи на гордите, а на смирените им дарува благодат. „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ Значи, првиот степен за влез во Царството Небесно претставува смирението и постојаното усовршување. Тоа го може само оној кој се себе смета за беден по дух. „БЛАЖЕНИ СЕ ОНИЕ ШТО ПЛАЧАТ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ СЕ УТЕШАТ!“ Плачот ја чисти душата и го привлекува милостивиот поглед Божји. Луѓето плачат поради своите гревови, плачат кога ќе се случи некоја несреќа. Се имаме одвикнато да плачеме поради своите гревови, но затоа многу плачеме поради жалостите. Таа тага како да го надополнува остатокот од оној плач кој ја чисти душата – плачот поради гревовите. Колку многу да плачат, нема да се утешат. На земјата ништо не може да ги утеши, бидејќи плачат и оние кои имаат земни блага. Утеха има само во Царството Небесно. Значи, за да добиеме утеха, треба да итаме кон Царството Небесно. Оној кој не верува, не може да се утеши, дури и кај него се да е идеално, мислата за смртта нема да му дава мир. И така, плачот нас не потсетува на Царството Небесно. Ако подобро погледнеме околу себе, ќе видеме дека сите оние кои плачат, на крајот на краевите го подигаат својот поглед кон Небото и бараат утеха од Бога. Ние се плашиме од плачот, тој нас не плаши. Кај безбожниците тој предизвикува иронија: еве го, квичи како некоја баба. Од плачењето не треба да се плашиме. Солзите се благодатен дожд на нашето исушено срце. „БЛАЖЕНИ СЕ КРОТКИТЕ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ ЈА НАСЛЕДАТ ЗЕМЈАТА!“ Во дадениот случај не се мисли за земјата во која живееме, туку за онаа која е во царството небесно од која никнува само доброто. Кротки - значи незлобливи. Тоа се оние, кои со незалезната светлина на својата душа ги греат и другите души. Кротки се оние кои се спокојни, кои ништо и никакви животни неволји не можат да ги отргнат од правиот пат. Кротки се оние кои не се лутат на другите. Кротки како гулаби. Не е случајност што гулабот е земен како симбол на Светиот Дух. Ајде да ги резимираме овие три заповеди. Треба да почнеме борба против гордоста во себе, сметајќи се себе за најсиромашни. Таквиот човек нема да се срами да плаче за своето сиромаштво и така ќе се збогатува. А оној кој умее да плаче, тој, природно ќе стане кроток. Тешко е да се замисли дека оној што плаче може да биде злобен. „БЛАЖЕНИ СЕ ГЛАДНИТЕ И ЖЕДНИТЕ ЗА ПРАВДА, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ СЕ НАСИТАТ!“ Оние кои не се гладни за правда - секогаш ќе бидат гладни. Да погледмеме какво понижување денес трпи правдата и вистината! Се лажеме едни со други, рамнодушни сме кон она што се случува во светот. Мислиме дека нашиот глад ќе биде задоволен со тоа што ќе си го обезбедиме нашиот земен живот. А земниот живот го обезбедуваме без да се базираме на правдата: лажеме, подметнуваме - тоа се средствата со кои се користиме. Ако не сме гладни и жедни заради вистината и правдата - никогаш нема да се наситиме и гладот често ќе ни ја подјадува душата. Глад, жалост и тага без никаква видлива причина. Денес духовниот глад е посилен од порано. А штом сме на ваков начин гладни, значи дека духовно умираме. Тој глад се надоместува единствено со правдата. Треба да повикаме на тревога, треба да ја бараме правдата, а и ние самите мораме да станеме праведни, зошто во спротивно не чека духовна смрт. „БЛАЖЕНИ СЕ МИЛОСТИВИТЕ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ БИДАТ ПОМИЛУВАНИ!“ Милосрдие, сомилост. Оној кој осудува не е милосрден, туку суров. Мораме да се бориме против гревот осудување. Кој во себе има милосрдие, тој се осудува исклучиво себе, се прекорува себе како недоволно да им помага на другите. Од милосрдието неминовно извира желбата за правда. Оној кој не ја бара правдата, бара само начини да се обезбеди себе и своето земно битисување, а не му паѓа на памет дека на некого му е потребна помош. Оној кој не прави милост ќе дочека да му се суди без милост. Ако сакаме да бидеме помилувани, мораме да научиме да бидеме милостиви кон другите. Кој од нас може да каже дека Божјата милост не му е потребна? Нас, грешниците ништо друго не ни останало освен да се надеваме на Божјата милост, бидејќи никој не може да се оправда за своите дела. Да послушаме, голем плач и крици се слушаат и одекнуваат повици за помош. Да одговориме! На светот му е потребно нашето милосрдие. „БЛАЖЕНИ СЕ ЧИСТИТЕ ПО СРЦЕ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ ГО ВИДАТ БОГА!“ Гледате ли колку треба да се трудиме за да дојдеме до шестиот степен на блаженствата. Чистотата на срцето не доаѓа веднаш. За тоа се потребни смирението, плачот, гладот и жедта за правда и милосрдието. Чистото срце ги отвора нашите очи за да го видиме Бога. Чистотата е смирение, чистотата е плачење за своите грвови, чистотата е живот по правдата и сомилост кон другите. Во својата суштина чистотата на срцето е - љубов. Кога ќе го види Бога, човекот почнува да дава и на другите од своите штедрости. Тој не се грижи само за своето усовршување, туку се грижи и за другите. „БЛАЖЕНИ СЕ МИРОТВОРЦИТЕ, ЗАШТО ТИЕ ЌЕ СЕ НАРЕЧАТ СИНОВИ БОЖЈИ!“ Миротворци не се само оние кои ги смируваат скараните, миротворци се и оние кои ги помируваат грешниците со Бога. Само синовите Божји можат да донесат помирување и да го донесат оној мир кој Христос го донел на земјата. Мирот е одлика во сите страдања. Мирот е подршка која доаѓа од Бога. Миротворците се проповедници на Христовото учење, проповедници без страв. Седмиот степен претставува света граница, на која престанува се земно и на која почнува искачувањето на Небото. Не е случајност што осмата заповед вака гласи: „БЛАЖЕНИ СЕ ГОНЕТИТЕ ЗАРАДИ ПРАВДА, БИДЕЈЌИ НИВНО Е ЦАРСТВОТО НЕБЕСНО!“ Бројот осум е симбол на вечноста. Оние кои го достигнале осмиот степен на блаженствата се луѓето кои грешниот свет не ги трпи и ги прогонува. Оние кои се прогонети поради правда - ги чека Царството Небесно. Бог нам во првата заповед ни го ветува Царството Небесно, но како цел кон која треба да тежнееме совладувајќи ја својата гордост, а овде, во осмата заповед, ние веќе се издигнуваме од овој свет во Царството Небесно. „БЛАЖЕНИ СТЕ ВИЕ , КОГА ЌЕ ВЕ СРАМАТ И ПРОГОНУВААТ И КОГА ЛАЖНО ЌЕ ГОВОРАТ ПРОТИВ ВАС СЕКАКВИ ЛОШИ ЗБОРОВИ - ЗАРАДИ МЕНЕ!“ Деветата заповед за блажените, во суштина, претставува опширна, подробна осма заповед: Господ нас постепено не учи како и на што да се радуваме. Не треба да се радуваме кога ни се чини дека имаме се и дека сме потполно среќни, туку кога нас не прогонуваат и клеветат. Гледате ли колку се возвишени заповедите Господови за блаженствата. Старозаветните заповеди не учеле како да станеме добри луѓе, а новозаветните заповеди не учат како да го достигнеме Царството Небесно. Кога ќе го поминеме старозаветниот пат, патот на борбата со гревот, пред нас ќе се открие новозаветниот пат - добивањето на Царството Небесно. Тоа е и целта на верата! Превод: ѓакон Димитар Арсовски Објавено во: „Троичник“ бр. 36 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |