Кој го примил телото Христово нема да огладне во вечноста - Св. Никита Ремезијански Koлку пати и да пиеш, добиваш простување на гревовите и се опиваш во духот. Затоа и апостолот вели не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух (Ефес. 5,18). Кој се опива со вино е виновник. Кој се опива со духот, се утврдува во Христос. Благословено е пијанството кое го прави духот трезен.
Си дошол до Олтарот? Те повикува Христос и вели: сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја (Песна 1, 1). Сакаш да се соединиш со Христос? Нема ништо по мило од тоа. Сакам да ме целиваш: Гледаш дека си чист од гревот, бидејќи престапите се уништени. Згора на тоа те смета за достоен за небесните и свети тајни и те повикува во небесната заедница. Сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја: Поради она што следува, твојата душа е очистена од сите гревови, за достојно да би пристапила кон олтарот Христов (што е олтарот, ако не слика Негова). Зошто? Зашто твоите милувања се подобри од виното (Песна 1, 1) односно подобро е чувството кон Тебе, подобри се светите тајни од виното. Подобро од секое вино кое е слатко, кое носи радост. Во него е радоста земска, а во Тебе духовна. Уште тогаш Соломон зборувајќи за Христос и за Црквата додал: името ти е како разлеано миро; затоа те сакаат девојките (Песна 1, 2). Кои се овие девојки ако не душите на поединците кои го запоставувале своето тело за да го обноват во Духот Свет. Поведи ме, да побрзаме (песна 1, 3) Внимавај што вели. Не можеш да тргнеш со Христос, ако Он не те поведе. Затоа да знаеш кога Јас ќе бидам издигнат од земјата, сите ќе ги привлечам кон Себе (Јован 12, 32). Си дошол до олтарот. Си го примил телото Христово. Слушни повторно со кои свети тајни си се удостоил, слушни што говори светиот пророк Давид. Тој преку Духот ги предвидел овие тајни, се радувал и велел дека ништо не му недостасува. Зошто? Затоа што кој го примил телото на Христос нема да биде гладен во вечноста. Колку пати го имаш слушнато 22 пласм и не си го разбрал? Обрни внимание: Господ е Пастир мој, ништо нема да ми недостасува,Он ме пасе на плодни пасишта и ме води на тихи води, ја поткрепува душата моја, ме води по патот на правдата заради името Свое. Кога би тргнал и по долината на смртна сенка, нема да се исплашам од злото, зашто Ти си со мене; Твојот жезал и Твојата палка ме успокојуваат. Си приготвил пред мене трпеза на очиглед на непријателите мои, си ја помазал главата моја со елеј; и чашата твоја ме напојува со блаженство. (Псал. 22, 1-5). Си дошол до олтарот. Си се здобил со благодатта Христова. Се здобивте со сите небесни тајни. Црквата се радува заради искупувањето на мнозина и се весели со духовна радост. Ова го наоѓаш и во Песна над песните: Нека дојде мојот возљубен во градината своја и нека касне од слатките плодови свои (Песна 4, 16). Кое стебло го дава најубавиот плод? Исушено дрво стана преку Адам, но сега, по благодатта Христова растеш како плодоносно стебло. Христос на Црквата и одговара: Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои! (Песна 5, 1). Ја обрав смирната моја и мирисите мои - каква е оваа берба? Познајте го лозјето и позната ќе ви биде и бербата. Вие сте грозјето. Како лоза имате дадено плод. Ги јадев медените питки со мојот мед - гледаш дека во оваа храна нема горчина, туку само сладост. Апостолот вели не опивајте се со вино, од кое произлегува блуд, но исполнувајте се со Дух (Ефес. 5,18). Кој се опива со вино е виновник. Кој се опива со духот, се утврдува во Христос. Токму затоа благословено е пијанството кое го прави духот трезен. превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: verujem.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |