Идолатризација на духовникот - Митрополит Јеротеј Влахос Делото на духовникот е навистина големо. Тој ги лечи луѓето од духовните болести кои првенствено произлегуваат од духовната помраченост на умот. Кога умот е помрачен душевните енергии дејствуваат спротивно на природата, помислите се натрупуваат во душата, разумот се самообоготворува и човекот почнува да заболува од анксиозност, несигурност, смаченост и слично. Но, зарем не мислите дека таквиот „пациент“ го демне опасност од идолатризација на духовникот. Зарем не е невозможно да почне да го идолизира својот духовник, со што во помала или поголема мера почнува да слабее неговата љубов кон Христос?
Не тврдам дека е невозможно тоа да се случи. Оние личности кои функционираат претерано емоционално, а со тоа се и духовно незрели, односно почетниците во духовниот живот можат да почнат да го идолотризираат својот духовник, кој многу им помогнал на почетокот на нивниот духовен живот. Макар што таквата состојба не е здрава, таа сепак не може потполно да се отфрли. Тоа во суштина е една вообичаена појава и во другите сфери на човековиот живот. Детето обично ги „идолизира“ својот татко и својата мајка. Ученикот го идолизира својот учител. Човекот во животот секогаш го демне опасност од идолотризација. Човекот може да ги идолизира своето семејство, знаењето, разумот, манастирот, политиката, материјалните добра и така натаму. Човекот кој духовно се разболел има наклонетост непрестајно да прави идоли од се. Поради тоа, во извесна смисла, идолотризација на својот духовник не е нешто потполно неочекувано. Како што родителите на почетокот не ја отфрлаат емоционалната поврзаност со нивните деца, затоа што знаат дека тоа нешто е потполно прифатливо во раните фази на детскиот живот, за подоцна своите деца се повеќе да ги „ослободуваат“ од таквата поврзаност и да ги оддалечуваат од себе, така и духовникот на истиот начин ги решава проблемите со емоционалната поврзаност на своите духовни чеда. Кога ќе види дека почнува да се развива таквата поврзаност и идолизирање, духовно опитниот и издградениот духовник - како вистински лекар кој го има во себе Духот Божји - почнува да го ослободува своето чедо од таквата поврзаност, стрпливо, но постепено, за да не би предизвикал кај него никаков внатрешен потрес. Тој му помага на своето духовно дете да се ослободи од страстите на поврзаноста кон духовникот во кои е заробен. Духовникот го ослободува од умственото робство за да може да го воведува кон обожението со помош на Божјата благодат. Во почетокот, може да дојде и до претерана поврзаност, но трезвениот духовник на разни начини, со комбинација на човекољубие со одмерена строгост ќе успее да го извлече духовното чедо и нивниот однос ќе стане правилен и вистинит. Апостолот Павле вели: Кога бев дете, зборував како дете, како дете мислев, како дете размислував; а кога станав маж, го оставив детинското. (1 Кор. 13, 11). Овде апостолските зборови, сосема сигурно, се однесуваат на многу други случаеви, но сметам дека се однесуваат и на овој случај. Кога во духовен поглед сме „деца“ (недораснати) ние размислуваме, говориме, постапуваме неразумно и незрело. А кога духовно ќе созрееме, го отфрламе се она што е поврзано со претходната духовна незрелост. Проблемот не лежи во духовното чедо, кое може да го започне својот духовен пат од восхит кон неговиот духовник, туку во самиот духовник. Опитниот духовник добро знае што треба да прави за да го ослободи своето духовно чедо од секаквата нездрава поврзаност. Поради тоа кажуваме дека духовникот е тој кој ја има најголемата можна одговорност. Дали мислите дека духовникот може да стави пречка помеѓу своето духовно чедо и Христос? Може ли духовникот да ја ослаби нашата љубов кон Христос? Тоа е мислење кое го застапуваат протестантите бидејќи го отфрлиле секое учење за духовното татковство. Тие исто така ја негираат и помошта на светителите. Ние православните веруваме дека духовникот не е само Христов „претставник на земјата“, од што би излегло дека Христос оставил зад Себе на земјата некакви „претставници“ да го „претставуваат“ Неговото спасително дело. Христос лично управува со Црквата бидејќи е Глава на Своето Тело. Духовникот (без разлика дали е епископ или свештеник) претставува света тајна на вистинското Христово присуство. Епископите се „по образ и место“ Христос - Главата на Црквата. И како што љубовта кон светите икони и почитувањето кон истите го издигнува човекот кон Прволикот, односно кон обожениот светител претставен на иконата, а преку него и Христос, така и духовното дете преку љубовта кон својот духовен отец се издигнува кон Прволикот - Живиот Бог. И како што иконата е јавување на славата Божја, така и духовникот, ако го красат автентичните квалитети на православниот духовник - тој е икона Божја и јавување на славата Божја. Тој учествувајќи во благодатта Божја, станува бог по благодат. Навистина, она што е Бог по природа и суштина, обожениот човек станува по благодатта и учеството. И како што почитувањето на светите икони како плод дава очистување и осветувачка благодат, која ја прима почитувачот по мера на своето иконопочитување, на истиот начин љубовта кон светителите и почитувањето на светителите како плод го дава очистувањето, просветлувањето и обожувањето со благодатта Божја која почитувателот на светителите ја прима по мерата на својата внатрешна отвореност. Борејќи се против иконите, иконоборците всушност го порекнуваат како можност Христовото вооплотување, како и можноста за човековото учество во очистителната и осветлувачка Божја енергија. Така и тие се борат против духовништвото и ја порекнуваат вистината дека духовникот може духовно да лечи со силата и енергијата Божја. Нема сомнение, како што веќе рековме, дека има духовници кои го немаат стекнато бесстрастието и кои оневозможуваат на своите духовни деца да го сретнат Христос и да влезат во заедница со Него. Ако духовникот се држи кон православниот духовно - терапевтски метод кој се нарекува аскетизам, никогаш нема да дојде до развој на таквата нездрава и еретичка ситуација. Односот помеѓу духовникот и духовното чедо правилно функционира кога духовникот се однесува кон своето чедо како кон Божји дар и кога духовното дете се однесува кон духовникот како кон оној кој е пратен од Бога. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Објавено во: „Троичник“ бр. 38 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |