За човекот и животните - Св. Јован Златоуст
Со што се гордееш? Со што? Што си добил? Злато, сребро, драгоцени камења? Со тоа можат да се фалат и разбојниците, убијците и робовите по рудниците. Тоа значи дека маката на осудените е пофалба за тебе. Па уште и се украсуваш! И коњите можеме да ги видиме украсени; кај Персијанците камилите се прекрасно накитени; а кај луѓето - циркузантите. Не ли е тоа срамно да мислиш премногу за она што го имаш заедничко со бесловесните животни, со робовите, убијците, разбојниците? Дури се гордееш и со гласот? Но, ти никогаш не можеш да пееш по пријатно од славејот. Се гордееш ли со уметноста? Но зар има некој поголем уметник од пчелата? Кој геометар е во можност да биде подобар од нив? Се гордееш ли со ткаенината на оделата? Во тоа те надминува пајакот. Се гордееш ли со брзите нозе? Ова предимство им припаѓа на зајакот и срната; дури и од домашните животни има побрзи од тебе. Ти патуваш, но не полесно од птиците; тие многу по удобно го поминуваат патот; немаат потреба од коли и од животни за да ги влечат - за се им се доволни крилјата. Крилјата им се и лаѓа и ветер и се што им е потребно. Имаш остар вид? Но не толку остар како на срната, или пак на орелот. Имаш добар слух? Но кај магарето е уште подобар. Имаш сетило за мирис? Но не можеш да го надминеш кучето. Способен си за да подготвиш зимница? Но тоа мораш да им го отстапиш на мравките. Носиш златно одело? Но не такво како индиската златна мравка. Ти си здрав. Но животните не надминуваат и во тоа - но гледај, тие не се плашат и од сиромаштијата. Речено е: „Погледајте ги птиците небески; тие не сеат, ниту пак жнеат, ниту во амбар собираат“ (Мат. 6, 26). Некои ќе речат: Бог ги создал бесловесните животни подобри од нас? Го гледаш ли вакво нерасудување? Ја гледаш ли непромисленоста? Има ли во нас нешто што животните го немаат? Но што е тоа? Верата и добродетелниот живот. Ние го познаваме Бога; го признаваме; мислиме за бесмртноста. Животните отстапуваат од ова. Ние во овој поглед расудуваме здраво, а бесловесните животни немаат ништо заедничко со нас. Иако сме послаби од сите животни, ние владееме со нив. Во тоа се состои власта, што ние, со сите недостатоци во споредба со животните господариме над нив. Ние ги ловиме со мрежи, ги гониме. Во нас е целомудроста, кротоста и презирањето на богатството. Но како ти припаѓаш во бројот на овие, а немаш ниту една од добродетелите, дали се ставаш себе над луѓето или под животните. Таква е гордоста и дрскоста: таа или се вознесува или се намалува. Ние се мериме со ангелите; нам ни е ветено царството и радоста со Христос. Вистинскиот човек трпи удари и не паѓа, тој ја презира смртта и не се плаши од неа. Оние кои не се вакви, тие се многу полоши од бесловесните. Исто така, ако имаш поголема склоност кон телото отколку кон душата и ти не си подобар од животните. Замисли си некој порочен човек кој живее во изобилност: коњот е поспособен за работа од него, вепарот е посилен, зајакот побрз, паунот поубав, слонот поголем и сите птици побогати. Со што е достоен тој да владее над нив? Со разумот ли? Не! Ако не го употребуваш како што треба повторно си подолу од нив, бидејќи иако имаш разум се покажуваш како по глупав од бесловесните, тогаш би било подобро никогаш и да не си го имал разумот.
Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: jovanzlatousti.eparhijaniska.rs |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |