За покајанието и исповедта Исповедта не е некој вид на формална работа за да се чувствуваме дека сме на правиот пат и дека сме на сигурно, не е тоа некој насилен акт или некоја должност која мора да ја извршиме, треба да се знае дека иповедта мора да биде чин пропратен со покајание. Старец Емилијан вели: „Многумина се исповедуваат, но малкумина се покајуваат“. Покајанието е процес кој започнува длабоко во нас, процес на тага кога го чувствуваме отсуството на Бога од нашите животи. Покајанието во вистинска смисла значи преумување, промена на нашето размислување, обновување на моралот во нас и отфрлање на гревот, тоа во исто време значи и љубов кон добродетелите и подготвеност да се соединиме со Бога која започнува во длабочината на нашето срце, а кулминира со Светата тајна исповед.
Кога се исповедаме треба да бидеме одговорни, без обид да се оправдуваме за нашите постапки, да не се изразуваме двосмислено или лукаво. Честопати се случува во текот на исповедта да се кријат своите гревови и да не се признаваат грешките. Тоа е погрешно, а исповедта „без срам“ (која е правилна) претставува приказ на нашата внатрешност. Да се има срам е добро, но пред да го направиме гревот, а не потоа. Духовната борба не е лесна, таа е пропратена со многу тешкотии и лукави демонски замки. Додека се врши исповедта личноста треба искрено се кае и понизно да ги исповедува своите гревови пред духовникот како пред самиот Господ. Ниту еден научник, психијатар, социолог, философ не можат да го заменат исповедникот (духовникот), ниту една икона, фреска, или каков и да е свет предмет не можат да ни го дадат она што ни го дава исповедта - опростувањето на нашите гревови. Исповедникот го зема под духовна заштита лицето кое го исповеда и ги врши сите потребни напори таа личност духовно да се прероди. Токму поради тоа исповедникот се нарекува и „духовен отец“. Треба да се знае дека духовното татковство е доживотно, свето и помоќно од сите други роднински врски и дека духовниот отец не треба да го менуваме. Оној кој исповеда има благослов од надлежниот епископ за извршување на оваа света тајна, а во врска со ова и самиот Христос им рекол на своите ученици: Вистина ви велам: се што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и се што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото (Мат. 18, 18) и На кои ќе им Ги простите Гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им Ги задржите, ќе им се задржат (Јов. 20, 21-23). Секој човек додека е жив е потенцијален светител и има можност да се покае. Сетете се на примерот на Распетието на нашиот Господ и Спасител Христос кој бил помеѓу двајца разбојници, едниот хулел на Него, но другиот каејќи се велел: Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела (Лука 23, 41). За нашиот ум да биде насочен кон покајанието до остатокот на нашиот земен живот треба да се сеќаваме на зборовите на Христовиот Претеча кој не опоменува: Покајте се, зошто се приближи Царството небеско (Мат. 3, 2). |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |