За озборувањето - Св. Јован Лествичник Никој разумен нема да спори дека омразата и злопамтењето го раѓаат озборувањето. Затоа и во ова изложување го ставам озборувањето веднаш зад неговите родители. Озборувањето е пород на омразата. Тоа е голема болест, скриена и подмолна пијавица која ја исцицува крвта на љубовта. Озборувањето е лицемерие кон љубовта, причина за осквернување и оптеретување на совеста и уништување на чистотата.
Некои девојки грешат јавно и без срам, а други тајно вршат многу полоши нешта од претходните. Такво нешто може да се види кај срамните страсти. Многу тајни има кај острастените девојки: лицемерство, лукавство, тага, злопамтење, озборување. Видливо, тие се едно, а внатрешно се нешто сосем друго. Кога во една прилика слушнав како едни луѓе озборуваат, јас ги опоменав. Вршителите на ова зло во своја одбрана ми рекоа дека тоа го прават поради љубов и грижа за оној кој беше предмет на озборување. А јас на нив им реков: Оној што тајно го клевети ближниот свој, го изгонувам (Псал. 100, 5). Ако навистина го сакаш својот ближен како што кажуваш, помоли се за него тајно, а не да го исмеваш. Тој е начинот кој му е угоден на Бога. Ова нека не ти остане непознато, па ќе се чуваш од осудување на луѓето. Додека Јуда беше Христов ученик разбојникот припаѓаше во редот на убијците; и чудо, кај нив се случи таква промена...! Кој сака да го победи озборувањето, нека не ја препишува вината на оној кој паднал, туку на демонот кој го совладал. Бидејќи, никој не сака да греши против Бога иако никој од нас не греши принудно. Знам еден човек што јавно згреши, а тајно се покаја. И оној кој го осудија како блудник тој веќе пред Бога беше невин. Никогаш не се срами од оној кој во твое присуство озборува да му речеш: „Застани брате! Јас секој ден паѓам и во потешки гревови. Па како можам јас да осудувам?“ Така со еден замав ќе направиш две добрини: со еден лек ќе се излечиш себе и твојот ближен. Еден од најкратките патишта да се добие прошка за гревовите е да не осудуваме. Не судете и нема да бидете судени (Лука 6, 37). Како што водата е спротивна на огнот, така и осудувањето е спротивно на покајанието. Немој да осудуваш дури некој да греши и на својата смртна постела. Судот Божји е непознат за луѓето. Некои јавно имаат направено големи гревови, но уште поголеми добрини имаат правено тајно. И оние кои ги осудувале таквите се излажани, бидејќи од чадот не го виделе сонцето. Чујте ме, чујте сите вие кои строго ги осудувате делата на другите: ако е точно (а точно е) дека нам ќе ни се суди со судот со кој ние судиме (види Мат. 7, 2), тогаш секако ќе паднеме во оние гревови за кои го осудуваме нашиот ближен. Демоните не наговараат да грешиме, или ако не грешиме, да ги осудуваме оние кои грешат. Знај дека злобните и злопамтивите луѓе се препознаваат по тоа што се обземени со духот на омразата и ги намалуваат вредностите на својот ближен. Познавам некои луѓе кои тајно и скришно правеа најтешки гревови. Меѓутоа, сметајќи се за чисти, тие тешко ги напаѓаа и обвинуваа оние кој јавно паѓаат во помали гевови. Да судуш - значи да го одземаш Божјото право, а осудувајќи, си ја упропастуваш својата душа. Како што некои страсти можат да ни ја погубат душата, така и осудувањето може совршено да не погуби. Фарисејот од параболата бил осуден токму за тоа (види Лука 18, 10). Добриот земјоделец ги собира само зрелите плодови. Паметниот ум исто така ги забележува само добрините и за нив говори. А безумниот човек наоѓа само вина и недостатоци. Немој да осудуваш ни тогаш кога со своите очи ќе видиш дека некој греши: многупати и очите грешат. Превод: ѓакон Димитар Арсовски Извор: spc.rs |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |