За бадниковиот оган Во последно време во нашите краишта се појави еден вид (условно речено) традиција која е непозната за Православието, а тоа е палењето на таканаречениот Бадников оган. Црквата како чувар на моралот и вистината во оваа традиција не гледа ништо лошо и заканувачко се до оној момент додека не се помине таа црвена линија и самата прослава помине во нешто што не доликува на секој човек, а камо ли на оној што се декларира како Православен Христијанин. Имаме малку познати историски извори за настанокот на ваквиот култ, па така моево излагање ќе биде базирано на разговори на оваа тема со Митрополитот Брегалнички Иларион и професорот доктор отец Јован Таковски кој истражувал и собирал податоци за оваа проблематика. Според него оваа традиција влече корени од Србија каде што луѓето имале обичај пред Рождеството Христово да одат по планините и собирале дабови гранки, што според нив било симбол на сила, моќ и здравје и верувале дека дабот ќе им донел среќа. Така со текот на времето ваквата традиција преминала и во овие краеви (најверојатно за време на Српската окупација) и како таква завзела значајно место во празнувањето на Божиќниот циклус на празници. Дека овој празник не се секаде исто празнува ни говори податокот што луѓето од западна Македонија го делат лепчето со паричка на Василица (што е по исправно бидејќи светиот Василиј Велики на таков начин давал милостина на сиромасите), а кај нас во источните краеви се дели вечерта пред Божиќ на 6 јануари. Да бидеме на јасно, нема ништо лошо и погрешно што вечерата се прави на денот пред Божиќ, бидејќи тој чин се прави пред се во слава на Бога. Навистина во денешното динамично време кога сме растргнати од обврските нема ништо поубаво од тоа барем тој ден семејството да се собере на една скромна трпеза и достојно да се подготвува за веста на Христовото раѓање. Но што правиме ние Православните што се удираме в гради дека сме големи верници? Наместо последните денови да ја насочиме енергијата кон засилена молитва бидејќи сите знаеме дека искушенијата во тие денови се поголеми, ние толку лесно паѓаме под нив, притоа мислејќи дека му угодуваме на Бога. Пак ќе повторам дека нема ништо лошо во таквите собири, бидејќи и Евангелието ни сведочи дека и самиот Христос имал социјален живот, одел на свадба, седел со митници... но никаде не е посведочено дека тој претерал со јадење, пиење и празнословење. Факт е дека на собирите неретко прославата во чест на Бога преминува во пијанка на која се служи мрсна храна за време на пост, од сите страни ечи музика и се зборуваат работи кои се воопшто недолични за секојдневната конверзација, а камо ли за време на пост. Им се лутиме на римјаните што го распнале Христос кога тие се уште не знаеле кој е Тој, а ние знаејќи кој е Он, знаејќи ја целата Негова спасоносна мисија на земјата се однесуваме многу полошо од нив, а се декларираме како културни и цивилизирани луѓе, а пред се се гордееме со епитетот Православни, вистина е дека славиме, но прашањето е дали право славиме? Дали сме слепи и неможеме да го препознаеме сатанското дејство во финишот на постот? Треба да се запрашаме кому служиме со таквото однесување, бидејќи не можеме да служиме во исто време на Бога и на мамона!
Пребарувајќи по делата на светиот Климент Охридски и прочитувајќи ги неговите беседи и поучни слова за Божиќ на ниту едно место не најдов да зборува за ваквиот начин на прославување, туку не учи да итаме кон храмот, да се измириме со ближните, да се покаеме и достојно да пристапиме кон Светата Причест и да станеме дел од Богомладенецот и Он да стане дел од нас. Што се однесува до симболиката на огнот, по тоа прашање има едно толкување кое вели дека огнот е паганска работа. Вистина е дека старите народи и незнабошците го користеле во својот култ, но и Православието во својата симболика има толкување во врска со огнот. Да не заборавиме дека ако не бил огнот пастирите не би го пронашле Богомладенецот завиен во јасли, а и Христос во една прилика вели „Јас сум светлина на светот“. Без разлика на каков ја дочекуваме радосната вест за воплотувањето на втората ипостас од Света Троица, секогаш да мислиме на Него, да не заборавме дека сме Негови, дека Он ни ги оставил бедните и сиромашните секогаш крај нас, да се подготвуваме да примиме дел од Него преку Светиот Путир за во осмиот ден да станеме дел од Небесниот Ерусалим каде што ќе има бескрајна љубов и заедничарење со нашиот Создател. ѓакон Димитар Арсовски |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |