Ересите во последните времиња - Св. Анатолиј Оптински (Помладиот) Чедо мое, знај дека во последните денови ќе дојдат тешки времиња како што ни говори апостолот. Гледај, и во Црквата ќе се појават ереси и расколи како што имаат претскажано светите отци. Тогаш на архиерејските тронови и во манастирите нема да има луѓе кои се опитни и искусни во духовниот живот. Поради тоа ересите ќе се шират насекаде и ќе прелажат многумина. Непријателот на родот човечки ќе делува лукаво, за ако би било возможно, во ереста да ги вовлече и избраните. Тој нема веднаш грубо да ги отфрли догмите за Света Троица, боженственоста на Исус Христос, догмите за Богородица, туку неприметно ќе ги искриви учењата на Црквата кои ни ги предадоа светите отци. Делувањето на лукавиот ќе го приметат малкумина, односно оние кои се искусни во духовниот живот.
Еретиците ќе завладеат со Црквата, секаде ќе ги поставуваат своите слуги, а побожноста ќе биде занемарена. Но Господ нема да ги остави своите слуги без заштита. Он рекол: по плодовите ќе ги познаете, така и ти по плодовите, односно по делувањето на еретиците гледај да ги разликуваш од вистинските пастири. Тие духовни крадци кои го разграбуваат духовното стадо не влегуваат низ вратата туку од други места, како што рекол Господ, а тоа значи дека ќе учат на незаконски начин, уништувајќи ги на сила Божјите закони. Затоа и Господ ги нарекува разбојници (Јов. 10, 1). Нивната прва должност е прогонување на вистинските пастири, нивно затворање, бидејќи без тоа стадото не може да биде разграбено. Затоа, сине мој, кога во Црквата ќе видиш исмевање на боженствениот чин, отечкото предание и од Бога востановениот поредок, знај дека еретиците веќе се појавиле, најверојатно на почетокот скривајќи го своето зловерие, или неприметно искривувајќи ја верата за да имаат подобар успех и да ги прелажат неискусните. Нема да ги прогонуваат само пастирите, туку и слугите Божји, бидејќи демонот кој раководи со ересите не трпи благочестие и побожност. Ќе ги препознаеш овие волци во овчи кожи по нивната гордост, властољубие и сластољубие. Ќе има многу клеветници и предавници кои ќе бидат злобни, затоа Бог рекол дека по плодовите ќе ги познаеме. Вистинските слуги Божји се смирени, братољубиви и послушни на Црквата. Големи притисоци од еретиците ќе трпат монасите, а нивниот живот тогаш ќе биде исмеван, нивниот број намален, а оние кои ќе останат ќе трпат насилство. Сите кои го мразат монашкиот живот, кои имаат површна побожност, ќе настојуваат да ги придобијат иноците на своја страна, ветувајќи им заштита и световни добра, а ќе се закануваат на оние кои нема да се покорат. Од ваквите закани малодушните ќе ги фати голем очај. Ако го доживееш тоа време радувај се сине, бидејќи тогаш верниците кои ќе останат во правата вера ќе добијат венец според зборовите Господови секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Отец небесен (Мат. 10, 32). Плаши се од Господа сине мој! Да не го изгубиш венецот кој ти е подготвен, да не бидеш исфрлен од Христа во темнината и во вечната мака. Храбро стој во верата, а доколку е потребно, со радост трпи ги прогоните и другите неволји, бидејќи Господ ќе биде со тебе... и светите маченици и исповедници со радост гледале на тој подвиг. Тешко на монасите во тие денови кои се врзани за имотот и богатството и кои поради љубовта кон комфорот лесно ќе се потчинат на еретиците. Тие ќе ја успиваат својата совест говорејќи си: „Ќе го сочуваме манастирот (обителта) и Бог ќе ни прости“. Несреќни и заслепени, воопшто не помислуваат дека преку ересите и еретиците во манастирот влегуваат демони и тогаш тоа нема да биде света обител - туку голи ѕидови од кои засекогаш ќе исчезне благодатта. Но Бог е поголем од непријателот и нема да ги остави слугите свои и вистинските христијани ќе ги има до крајот на времето, но тие ќе бараат осамени и пусти места. Не плаши се од неволјите, повеќе плаши се од погубните ереси бидејќи тоа ја отфрла благодатта и оддалечува од Христа. Затоа и самиот Христос не заповедал да ги сметаме еретиците за незнабошции митници. Така, крепи се сине мој во благодатта на Исус Христос, со радост итај во подвиг на исповедување и страдање како добар Христов војник (2 Тим. 11, 1-3) кој рекол биди верен до самата смрт и ќе ти го дадам венецот на животот (Откр. 2, 10). Нему слава и чест со Отецот и Светиот Дух. Амин. превод: ѓакон Димитар Арсовски извор: svetosavlje.org |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |