Еколошката криза низ Православна призма
Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата (1 Мој. 1, 1), потоа ја создаде сета видлива твар и на крајот, како круна на сета творевина го создаде Бог човекот според образот Свој (1. Мој. 1, 27). Единствено нешто по кое се разликува човекот од сите други созданија е тоа што има слободна волја и му е допуштено да прави што сака. Токму поради таа слободна волја човекот падна во грев и беше истеран од рајот, а последиците ги чувствуваме и до ден денешен.
Една од таквите последици кои се присутни денес поради огревовената човекова природа е токму еколошката криза која веќе неколку децении ја потресува светската јавност . Многумина православни кога ќе ги запрашаме за поврзаноста на екологијата и религијата веднаш ќе ни одговорат дека не постои таква конекција. Но, дали е навистина така? Мојсеј напишал: И, земајќи го Господ Бог човекот, кого го создаде, го воведе во градината Едемска, за да ја обработува и да ја пази (1 Мој. 2, 15), а откако ја создаде Ева ги благослови Бог, и им рече: „Плодете се, и множете се, и населете ја земјата, и господарете над неа, и овладајте ги рибите морски, и ѕверовите, и птиците, и сиот добиток, и со целата земја, и со сите животни што лазат по земјата“ (1 Мој. 1, 28). Што треба да разбереме под терминот „господарете“? Дали треба тоа да го разбереме како политичка или деспотска смисла на владеење или како грижа за земјата? Навистина, Бог сите творби ги препуштил на човекот, но да се грижи за нив, да ги искористува за храна и напредок, но во никој случај не смееме да помислиме дека овие зборови му даваат власт на човекот да биде џелат или убиец на природата. Бог ни допуштил да ги користиме растенијата и животните за исхрана, ни допуштил да ги користиме витамините, минералите и сите други елементи кои ни се потребни за наше добро. Но, најголемиот проблем се состои во тоа што природата не се доживува како Божјо создание или како градина Божја која ни е дадена на располагање, туку ја разбираме како нешто кое што е наша сопственост и со неа можеме да правиме што сакаме. Како последица на човековото невнимание кон природата произлегуваат нови проблеми како глобалното затоплување, зголемување на озонските дупки, пораст на морското ниво, поплави, урагани, земјотреси на кои сите ние сме сведоци. Ние, православните, па и сите христијани сигурно ќе бидеме запрашани зошто Бог ако е толку добар дозволува природата која е Негова творевина да одзема толку многу животи? Одговорот е многу лесен! Бог кога го создаде светот виде дека сета твар е добра (1 Мој. 1, 31), а сите гореспоменати елементарни непогоди се како последица на човечката негрижа. Вистина е дека Он може да ги спречи катастрофите, но тоа Нему не му е својствено, бидејќи тогаш Он би бил одредувач, а ние би биле само пасивни фигури препуштени на Неговата Милост. Заплашениот човек од сета состојба, без да остави простор на Бога, сам надевајќи се на себе сака да го реши еколошкиот проблем свикувајќи разни меѓународни состаноци и еко-собири. Карактеристично за сите овие заседанија е тоа што се одликуваат со краен атеизам, па дури се оди до таму што се јавува и еден вид еко-религија. За овој вид на религија е пишувано во New York Times каде што се вели: „Еко-религијата иако на прв поглед е чудна сепак привлекува симпатија и внимание“. За да се привлечат децата кон овој култ е создадена и серијата Captain Planet која е контролирана од Ted Turner, основачот на движењето „Заедница за подобар свет“ кој во неколку наврати има изјавено дека христијанството е религија на губитници, додека пак, за постарите генерации се пишуваат книги кои ги издава друштвото за заштита на природата Sierra Club кои му препорачуваат на читателот да се занимава со ритуали и будистички медитации се со цел да ја потврди и засили врската на човекот со природата и со духовите на живата земја. Исто како и некои други, така и приврзаниците на ова движење ги обвинуваат христијаните поради нивните „конзервативни и патријархални“ сваќања и дека токму поради заповедта дадена во Првата Мојсеева книга ни се случуваат сите еколошки непријатности. Еден од нај екстремните приврзаници на движењето Lynn Wait, оди дотаму што отворено вели дека ќе западнеме во еколошка криза доколку не ги отфлиме од нашите животи христијанските норми според кои природата е создадена да му служи на човекот. Вистина е дека како и сите други луѓе, така и христијаните ја загадуваат природата, но дека за целата алармантна состојба се виновни истите е сурова клевета, бидејќи добро е познато дека на секоја Литургија се молиме со зборовите: „за благотворен воздух, за изобилие на земни плодови и за мирни времиња...“, зборови кои се доволен показател дека ние не сме единствените виновници за катастрофите и сме против загадувањето, па затоа и се молиме со оваа прозба или светиот апостол Павле не залудно вели дека ние сме Му соработници на Бога (1 Кор. 3, 9). Социолошки гледано на оваа проблематика, како главен проблем се гледа на зголемената индустријализација и потрошувачкиот карактер кој е воден пред сè од себични мотиви. Интересно е што овој феномен е специфичен за последниот век, додека кај нашите предци тоа го немало бидејќи тие живееле многу по совесно од нас и биле во заедница со природата. Нај прекрасен пример за гореспоменатото е писмото на поглавицата Сиетл во кое одговара на претседателот Абрахам Линколн кој сакал да купи дел од индијанската земја. Еве што напишал: „Како може да се купи небото и земјата? Тоа нешто нам сосема ни е непознато. Ние не сме господари на свежината на воздухот и бистрината на водата. Па како можеме да ви ги продадеме? Секое делче од земјата е свет за мојот народ. Секоја бодликава борова игличка, секое зрно од песокот на речното корито, секој дел од темната шума се свети во животот и мислите на мојот народ. Кога мртвите бледолики одат во прошетка меѓу ѕвездите ја забораваат земјата, а нашите мртви не ја забораваат преубавата земја која е мајка на црвениот човек. Ние сме дел од земјата и таа е дел од нас! Миризливите треви ни се како сестри, а еленот, пастувот и големиот орел се како наши браќа“. Ние, православните не можеме да се пофалиме со некоја обемна литература од современите мислители во врска со екологија, но сепак таа тема не е изоставена. Нај добро за поврзаноста екологија – религија ни зборува Јован Зизиулас, кој основните теолошки димензии кои се директно поврзани со поставената човекова задача за чување на природата ги дели на пет дела и тоа: 1. Светот има радикален почеток бидејќи е создаден ex nihilo и е под постојана закана да се врати кон ништилото од кој е создаден. Светот не е вечен, тој е кршлив и минлив и кон него мораме да се однесуваме со должна почит, страв и треперење. 2. Внимателното управување со светот и со созданијата во него Бог им го доверил на луѓето кои се многу по различни од останатите живи суштества, како и од ангелите. Според патристичката теологија човекот материјално и духовно е создаден да биде микрокосмос во однос на другите созданија, а ангелите поради тоа што се духовни битија и се во директен контакт со Бога не им е својствено да се грижат за земјата. Како свештеници над созданијата ние имаме единствена и уникатна мисија, а воедно и голема одговорност да го соединиме материјалниот свет со Бога. Наша задача не е само едноставното зачувување на созданијата, туку и нивно прочистување и издигнување на ниво на божествено постоење. Овој акт на издигнување, односно поврзување на креацијата со Креаторот е суштествен елемент во нашата свештена димензија во служењето на Бога. Одовде созданијата можат да бидат осветени и благословени доколку преку човекот ја најдат врската со Творецот. 3. Спасението на битијата кое е поврзано со Христа и е возможно само во Христа, за сите нас претставува космички настан бидејќи преку човекот сите битија ќе се спасат. Христос не само што нè спасил луѓето од нас самите, туку и ни го понудил покајанието кое е полезно за целата вселенска креација. Вооплотувањето на Синот Божји во човек не претставува ништо друго освен земање на човечката природа, не со цел да го спаси човекот според неговите права, туку затоа што човекот ја носи можноста како за негово, така и за спасение на целиот космос. 4. Православната теологија ја карактеризира Евхаристијата не толку како ментална дисциплина, туку како личен опит и искуство. Уште од времето на светиот Иринеј Лионски се знаело дека Евхаристијата не претставува спомен само на Христовото воскресение, туку претставува и космички настан во кој е вклучено целото создание. Лебот и виното не се само симболични елементи со кои се поврзува Црквата со последната вечера, туку е и симбол на матерјалниот свет и на сите созданија. Во контекст на ова, луѓето кои земаат учество во Евхаристијата се учесници во живеењето на искупениот свет. Одовде можеме да заклучиме дека матерјалниот свет има свое место во светот на Евхаристијата и во Царството Божјо. Православните христијани преку постојаното искусување на Евхаристијата потврдуваат дека материјалниот свет мора да биде надживеан и да се очисти и искупи од сето она кое што го спречува во неговиот пат кон конечното обединување со Бога. 5. Аскетското искуство, прифатено и потврдено од Светата Црква за несреќа е скоро секогаш поврзувано со негативен начин на однесување кон материјалните созданија и на лицето – аскет се гледа како на човек кој не го почитува и го отфрла материјалното. Ова всушност претставува неоплатонски начин на размислување кој секако не е типичен за вистинскиот аскетизам во Црквата. Аскетот апстинира од материјалното не затоа што ја смета материјата за инфериорна и несовршена, туку затоа што ја почитува до таа мера што не сака да ја употреби за сопствени задоволства. Другата, најчесто заборавена димензија во аскетското искуство е тоа дека вистинскиот аскет активно се вклучува во состраданието на целокупното создание до таа мера што дури плаче за смртта на некоја птица или друго животно. Оваа чувствителност кон природата не е негативна, туку претставува правилен и вистинит начин на однесување кон неа што е резултат на љубовта кон материјалниот свет. Наместо завршен дел ќе го цитирам преподобниот Максим Исповедник кој го дава решението на еколошкиот проблем велејќи: „Човекот може целата земја да ја претвори во рај само доколку го носи рајот во самиот себе“. Господи, Создателу на се видливо и невидливо, помогни ни на нас слабите да се спасиме и да ја запазиме сета Твоја творевина која си ни ја дал за наше уподобување и спасение, па во осмиот ден со Тебе, Премудар Креатору да се радуваме славословејќи Те. На Тебе слава и неискажлива пофалба сега и секогаш и во сите векови. Aмин! ѓакон Димитар Арсовски |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |