Духовни закони - Старец Пајсиј Светогорец
Поради тоа што некои луѓе ќе си го постават прашањето „поради што Бог допушта праведниците да бидат мачени, искушувани и клеветени, и тоа луѓе како што е на пример човекот Божји Хаџи Гергиј - кој беше една чиста душа уште од малечок?“, си помислив дека би било добро да го напишам она што го чувствувам.
Сосема е природно тоа што Божјите судови за нас се непоимливи, но по мое мислење може да биде и следнава работа: Ако Бог не би допуштил на одредени праведници да бидат клеветени, за да би можеле да останат прикриени вистинските виновници - оние кои не можат да го поднесат својот престап поради егоизмот? Земјата им е тесна, а демоните бараат прилика за да ги доведат до очајание, самите на себе да си наштетат и со тоа да си натоварат осуда. Големата љубов Божја допушта праведниците да бидат неправедно оптужени и наклеветени за слабите души да не бидат изгубени; но сепак, на крајот, вистината излегува на виделина. Знаејќи го ова, треба секогаш да имаме добри мисли кога ќе слушнеме лоши зборови за нашиот ближен и да се запрашаме: „Можеби тоа и не е клевета?“ Со тоа на природен начин дури и вистинските виновници ќе бидат утешени, почнувајќи малку по малку да ја чувствуваат својата вина; гласот на нивната совест ќе почне да им пречи и тие ќе се поправат ако имаат добро настроение. Накратко речено, понекогаш Бог го олеснува бремето на престапникот и дозволува силните и праведните да бидат наклеветени. Природно, оние со кои неправедно се постапува претставуваат најљубени деца Божји. Самите за себе, меѓутоа, според моето мислење тие на тоа и не помислуваат. Напротив, тие веруваат дека е можно да се виновни за нешто и затоа благодатта Божја ги напуштила. Таквите можат да бидат по затворите и да се чуствуваат како виновници, мачени од страна на сопствената совест и преплавени со покајание. Иако со нив очигледно се постапува на неправеден начин, тие во своето срце чувствуваат како да се во рајот; бидејќи каде што е Христос таму е и рајот. Така, праведниците имајќи ја оваа племенита љубов не очекуваат небесна награда за добрите дела кои им ги вршат на ближните, бидејќи тие се деца Божји и делуваат исполнето со „филотимо“* (објаснувањето на зборот се наоѓа на крајот од текстот) во својата сопствена куќа која претставува Црква Христова. Кога луѓето би помислиле колку добрина и вечна радост примаат нивните души (радост која ја чувствуваат веќе во овој живот) кога ќе направат макар и најмало добро на ближниот, тие би молеле ближниот тоа да го прифати, па дури би им и заблагодариле. Преобразувањето кое се случува во душата и радоста на срцето која ја чувствува милостивиот човек кога дава корка леб на сиромавиот не може да се купи и од најдобриот кардиолог, макар и да му платите со полна вреќа долари. Такво озарување и радост чувствуваат душите на христијаните кои држат бденија, се молат и постат. Ова не можат сосема да го разберат луѓето кои јадат што сакаат и кога сакаат, пијат вино и освежувачки пијалаци. Секако, како што реков, Божјите деца не го прават ова свесно со цел да ја стекнат Божјата награда, или пак духовната радост во овој живот. Децата не се платени од својот Отец (Небесен) бидејќи во иднина ова богатство ним ќе им припадне. Нешто сосем различно претставува прашањето кој божествени дарови ќе благоизволи да ни ги понуди како наш добар Отец веќе во овој живот и во вечноста. Како што ги има многумина кои работат како наемници за плата, така и многумината кои го избегнуваат гревот - тоа го прават само да не бидат осудени и исто како и првите го гледаат својот личен интерес. И тоа е на некој начин добро дело, но во него нема ништо племенито, бидејќи после огромната жртва која Христос ја поднел заради нашето искупување и ние би требало од „филотимо“ да се најдеме во пеколот за да не се ожалостуваме со тага која ќе ја чувствуваме поради нашите страдања. Ова е оној вид на љубов која ја имале светите отци на нашата Црква кон Христа. Многумина од нас, за жал, имаат една инфериорна љубов која е ограничена од потребата да се избегне казната. Ваквата љубов оди рака под рака со маловерието; со други зборови, ние уживаме во работите од овој свет само до степен на кој чувствуваме дека не сакаме да бидеме казнети во овој живот, притоа сметајќи дека нема да бидеме лишени и од рајот. Кога Христос би ни рекол: Деца мои, рајот сега е исполнет и немам место каде да ве сместам“, некои од нас би Му одговориле: „а поради што порано не си ни кажал?“ Некои други ќе побрзаат да не изгубат ни миг кој може да се искористи за уживање, забава и веројатно никогаш нема да посакаат да чујат за Христа. Меѓутоа, децата Божји кои имаат „филотимо“, со свештен страв би Му рекле на Христос: „воопшто не грижи се за нас, нам ни е доволно што знаеме дека рајот е исполнет; тоа нам ни донесува таква радост како и ние да сме во рајот“. Тие ќе продолжат со својот духовен подвиг како порано чувствувајќи го „филотимо“ кон Оној кој го сакале со чиста љубов. А Христос кој самиот е љубов ќе се всели во нивните чисти срца како што бил во светото тело на Пречистата Дева. Случаевите како што е со Хаџи Георгиј, секако, се многу ретки. Бог тогаш допушта крепкиот праведник да страда и да го носи бремето на слабите и оние кои се вистинските виновници за на таков начин да им помага на своите ближни. Во ваквите случаеви можеме да кажеме: „по Божјо допуштение“, а не кога ние потклекнуваме во борбата со злиот непријател и за тоа ги „обвинуваме искушенијата“. Со други зборови, само во првиот случај делуваат духовните закони. Зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат (Лука 18, 14) Според мое мислење ова е начинот на кој духовните закони делуваат. Што посилно во височина фрлиме нешто - толку поголемо е забрзувањето со која земјината тежа го привлекува и тоа се разбива (закон во физиката). Што повеќе некој биде вознесен - поголем ќе биде неговиот пад и со мерата на неговата гордост ќе биде „разбиен“, освен ако неговата гордост не ги надминува човечките мерки и ја достигне демонската гордост. Во таквиот случај човекот не подлегнува на критериумот на духовните закони кои владеат во овој живот, туку на апостолските зборови: А лошите луѓе и лажливците ќе напредуваат во злото, заблудувајќи други како и себеси. (2 Тим. 3, 13). Меѓутоа, ако на самиот почеток човекот ја примети гордоста и сокрушено се помоли на Бога за простување, милостивите Божји раце нежно ќе го приземјат и неговосто спуштање (се мисли на гордоста) ќе биде едвај приметливо; тој нема да биде разбиен од падот бидејќи неговото срце веќе било скршено со покајанието кое го принел на Бога. Исто се случува и со човекот кој некогаш забил нож во грб некому. Кога таквиот искрено и со срдечен бол се покае, Добриот Бог не допушта во сегашниот живот како праведна награда да прими рана од нож, бидејќи срцето на човекот кој се кае било како прободено од неговата сопствена совест која го мачи и поради која многу страда. Тогаш Бог како Отец кој ги љуби, наместо нож им дарува балсам од Својата Боженствена утеха на таквите ожалостени срца. Но сепак, од длабокото „филотимо“ човекот кој згрешил упорно бара од Бог да биде казнет за грешката која веќе Бог му ја простил и поради која тој покајувајќи се веќе бил избавен од дејството на духовните закони, тогаш Бог му ја услишува молитвата која се раѓа од неговото „филотимо“, во исто време подготвувајќи му непропадлив венец на славата. Секој човек кој ги исполнува заповедите и бара од Бог да биде казнет за гревот на својот брат или да ја земе на себе болеста станува сличен на Христос. Христос тогаш е допрен од ваквата племенита љубов на своето дете. И навистина, освен тоа што Бог му дава благодат да ги земе врз себе гревовите на другите, Он исто така допушта овој човек да поминува низ различни искушенија во можностите на неговите усрдни молитви. Истовремено Бог за него подготвува дијамантски маченички венец бидејќи многу луѓе го осудувале „судејќи по изгледот“, мислејќи дека Бог го казнува за неговите гревови, додека тој човек станал светлосен духовен столб од чисто злато и поради својата љубов кон ближните се уподобил на Христос. Помеѓу судовите Божји - кои претставуваат за нас несогледлива бездна - наоѓаме и случаеви слични на оние кои ги сретнуваме кај пророците и светителите како и кај илјадници други случаеви; и што е најчудно од се и самиот Бог се променува кога човекот ќе се промени. Понатаму, духовните закони се разликуваат од природните по тоа што духовните подразбираат сострадалност и тогаш човекот си има работа со својот Творец - Најмилостивиот Бог. Кога на пример, немирното дете ќе дојде, ќе се покае и го почуствува прекорот од сопствената совест, неговиот татко нежно и со љубов го милува и го теши. Отецот ги воспитува своите деца од љубов, со желба да си дојдат на себе и да придат близу до Него. Ниту поради скратување на маките, ниту поради овосветската легалистичка праведност, туку од божествена добрина и секогаш за добро на своите деца за сите да се спасат и да го наследат Неговото Царство Небесно. Нека Добриот Бог, делувајќи како Бог не го земе нашето роптање во предвид само да се спаси светот. Амин _________________ *Филотимо - грчки израз. Старецот Пајсиј овој збор го разбира вака: побожна и прочистена добрина, светлозарна љубов на сокрушениот човек кој е лишен од себељубие, чие срце е исполнето со благодарност кон Бог и кон ближните; кој поради својата врвна духовна чувствителност сака да возврати и за најмалото доброчинство кое му е направено. превод: ѓакон Димитар Арсовски објавено во „Троичник“ бр. 39 |
Православни линкови
__________________________ Богоподобие на Facebook __________________________ Богоподобие на YouTube _____________________________ Емисија „Православна ризница“ _____________________________ Врати се на Почетна |